
Искажување почит
Наведнувањето во Јапонија е форма на искажување почит која се врежува во главите на децата уште со нивното прво зачекорување во училиште. Времетраењето и аголот на наведнувањето зависат од тоа колку е важна личноста на која и се изразува почит. На пример, кога се работи за пријател, поздравот е отсечно брз, со наведнување од околу 30 степени, но доколку се работи за претпоставен на работното место, тогаш се практукува продолжено и споро, под агол од околу 70 степени наведнување.
Манири на маса
- Доколку сте на ручек или вечера на која се послужени пијалоци, почекајте пред да ја кренете чашата кон устата. Откако сите на масата ќе бидат послужени, подигнете ја чашата и извикајте "кампаи!" (на здравје).
- Во повеќето јапонски ресторани ќе добиете влажна ткаенина. Употребете ја за да ги исчистите рацете пред јадењето, а потоа внимателно и педантно превиткајте ја и поставете ја на крајот од масата. Не ја употребувајте за бришење на устата и лицето.
- Во Јапонија не е непристојно да се јаде гласно. Шмукањето и шлапкањето е сосема океј, тоа е начин да се покаже дека уживате.
Без бакшиш
Во Јапонија не постои давање бакшиш, ниту во рестораните и кафулињата, ниту во другите услужни дејности. Да му оставиш бакшиш на некого е прилично навредливо - услугата која ја бараш ја покрива платата.
Соблекување на чевлите
Пред влегување во нечиј дом, соблекувањето на чевлите е задолжително, а за гостите секогаш има гостински влечалки. Многу Јапонци употребуваат и чевли за по дома. Постојат и посебни влечалки за во тоалет.
Маски
Не, не е тоа што мислите. Јапонците не ги носат стерилизираните маски за да се заштитат од другите луѓе, туку за да ги заштитат другите луѓе од нивните вируси, најчесто кога се настинати. Прилично совесно, нели?
Општество
Кога група средношколци биле запрашани да ја посочат најголемата опасност за децата во денешницата, поголемиот дел од нив се согласиле на една заедничка работа - индивидуализмот.
Јапонското општество е фокусирано на група, за разлика од западните општества кои се фокусираат на поединецот.
Привлекувањето внимание врз себе е прилично негативна работа во Јапонија.
Бањи
Јавните бањи сеуште постојат во Јапонија. Прилично популарни се и викенд екскурзиите до геотермалните извори. За разлика од западните култури, Јапонците ги употребуваат бањите откако се избањати и чисти, чисто за релаксација.
Сигурност
Секој Јапонец ќе ве предупреди да внимавате на безбедноста кога возите и да внимавате на своите предмети. Стравот од криминал во Јапонија е на високо ниво, иако реално, стапката на криминал е ниска. Ова е видливо по бизнисмените на кои им избегал последниот воз и кои безгрижно спијат на клупа, како и по 6-7 годишните деца кои самите одат по 1 километар наутро на училиште.
Петок, 30.05.2008