Интернетот во формата која ја познаваме денес е таков благодарение на мозокот, способноста, знаењето и упорноста на визионерите. Еве некои од нив...
Лери Пејџ и Сергеј Брин (Google)

Тандемот млади доктори од Универзитетот Стенфорд го создадоа најпопуларниот интернет пребарувач на денешницата, а со него и една од најголемите и највредни ИТ компании во светот. Додека работеле на проектот за докторат кој се однесувал на издвојување важни од купови податоци, се родила идејата да смислат систем за пребарување. Така е роден и Google.
На почетокот, пребарувачот се наоѓал само на страниците на Стенфорд, но во 1998 година Лери и Сергеј основаат компанија и ја понудуваат услугата на широката јавност. Неколку години подоцна, популарноста и иновативниот систем за продажба на огласи на Google ги доведоа до статус на милијардери, а Google стана компанија чии производи го менуваат и збогатуваат начинот на кој го користиме интернетот.
Сер Тим Бернерс (творецот на WWW)
Aнглискиот научник на Божиќ во 1990 година ја воспостави првата врска помеѓу http клиент и сервер преку интернет, со што влезе во историјата како креатор на World Wide Web. Сер Бернерс е и еден од основачите на W3C, телото кое го надгледува развојот на WWW. Вработен е на MIT, најценетиот технички универзитет во САД, а иднината на интернетот ја гледа во семантичкиот веб - паметен систем на организација на податоците на интернет, кој на машините ќе им овозможи подобро сфаќање на човековите потреби, а со самото тоа и ќе даде подобар одговор на нив.
Марк Закерберг (Facebook)

Eден од најмладите на оваа листа, кој го постигна успехот за многу краток период со својот сервис за вистински идентитети, бидејќи да се биде анонимен на Facebook не значи ништо. Смислувајќи го првично Facebook како средство за комуникација на студентите од неговиот универзитет (Харвард), Марк се изненади од популарноста нанеговиот сервис. По генералната проба по универзитетите, Facebook бешее пуштен во јавност и доживеа инстант успех.
Закерберг е роден во 1986, денес е извршен директор на Facebook, a богатството му е проценето на 1,5 милијарди долари. легендата вели дека кога Yahoo му понудил милијарда долари за Facebook, Марк воопшто не отишол на состанокот, велејќи им дека утринскиот термин му бил преран :)
Kевин Роуз (Digg)

На почетокот од својата кариера настапувал на радио и на телевизија, се до 2005 година кога ја напуштил телевизијата и почнал да се занимава со интернет претприемаштво. Поттикот да го основа Digg, порталот на кој читателите уредуваат кои вести и статии ќе се појават и колкава популарност заслужуваат го добил од Стив Возниак, еден од основачите на Apple. Возниак бил честопати гостин во неговите радио емисии и му раскажувал разни интересни приказни од 70-те поврзани со појавувањето на компјутерите, па и Роуз посакал да направи нешто, а резултатот е Digg.
Започнал со закуп на сервер за 99 долари и вработил програмер кој работел за 12 долари на час. Страницата ја лансирал во 2004 година, а веќе следната година во Digg се инвестирани 2,7 милиони долари.
Пјер Морад Омидјар (eBay)

Пјер е дете на Ирански емигранти од Франција, кој на 6 годишна возраст дошол во САД. По дипломирањето работел во една подружница на Apple, a потоа основал своја компанија за он-лајн трговија и ја смисслил страницата на која луѓето можат да продаваат се што ќе им падне на памет.
Неговата консултантска компанија се викала Echo Bay, па така сакал да го нарече и аукцискиот сервис, но доменот echobay.com веќе бил зафатен, па го купил еbay.com. Неколку години подоцна, кога eBay го направи милијардер, го основаше и Omidyar Network, инвестициски фонд кој им помага на луѓе со добри идеи од сите страни на светот.
Дејвид Фило и Џери Јанг (Yahoo)
Исто како и Google, и пребарувачот Yahoo е основан од тандем кој своето образование го заврши на Стенфорд. Првично, креирале веб страна која се состоела од попис на други веб страници, а во 1995 година го основале Yahoo Inc.
Им тргнало прилично добро, па ги одложиле своите постдипломски студии на Стенфорд и целосно се посветиле на Yahoo чија популарност брзо растела, за денес да стане тоа што е - компанија која "тежи" милијарди долари.
Чад Харли и Стив чен (YouTube)

Чад и Стив се запознале во PayPal, а Чад дури и го дизајнирал логото на PayPal. Идејата за YouTube им светнала кога на пријателите сакале да им испратат видео запис од една забава. Не можеле да го пратат видеото по мејл бидејќи било преголемо, а немале ни каде да го постават на интернет за пријателите да го видат.
Така е создаден YouTUbe, пионерот на он-лајн видео сервисите кој денес ужива најголема популарност, а во 2006 му го продадоа на Google за 1,65 милијарди долари. Бидејќи дел од сумата им е исплатена во акции од Google, денес се уште побогати.
Џими Велс (Wikipedia)
Иако многумина ја критикуваат за намерно внесување лажни податоци, Wikipedia денес е сепак одредиште на повеќето сурфери во потргаа по информации, а Џими е заслужен за нивното ширење и достапност со својот проект за енциклопедијата во која сите можат да внесуваат податоци.
Поради огромниот број информации во Wikipedia и фактот дека е под негова контрола, магазинот Time во 2006 го стави на листата на најмоќните луѓе на светот.
вторник, 17.06.2008