
Одамна е познато дека инсектите лачат посебни, лесно испарливи супстанци кои се нарекуваат феромони и служат да се привлече единка од спротивниот пол во рамките на својот вид. Утврдено е дека и животните лачат феромони. За разлика од инсектите на кои антените им служат за прием на информации, животните немаат развиени посебни приемни органи. Тој орган се наоѓа во носната празнина на животните, служи како детектор на феромони и нема улога во приемот на други мириси.
Некои научници сметаат дека и кај човекот постојат супстанци кои имаат иста или слична улога како феромоните кај животните. Д-р Винифред Б. Кутлер од Филаделфија прв го докажал присуството на феромони кај луѓето. Тој и неговите соработници сметаат дека феромоните можат да имаат огромно влијание врз партнерот. Потврдено е дека феромоните кои ги лачи мажот, може да влијаат на менструалниот циклус кај жената, како и на нејзината репродуктивна моќ.
Исто така, се смета дека феромоните се одговорни за поголемата сексуална привлечност на жените за време на овулација. Интересно е тврдењето дека феромоните кај жените можат да влијаат на друга жена кој е подолг период во нејзина близина, па се случува да имаат синхрони менструални циклуси.
По се изгледа дека природната функција на феромонот е доста важна за опстанокот на видот. Се смета дека овозможува избор на партнер со поразлична структура на имунолошкиот систем од сопствената. Како последица на тоа, потомците добиваат во наследство разновидни одбрамбени механизми кои им овозможуваат подобро прилагодување и преживување.
Експериментално е утврдено дека женката-глушец бара мажјак со различни генетски предиспозиции, но исто така и дека за време на бременоста бира единки кои имаат сличен генетски склоп. Веројатно и природата тоа го подесила, затоа што токму тие се единките кои нагонски се грижат за зачувување на своето потомство. Зоологот Клаус Ведекинд од Швајцарија извел експеримент со кој потврдил дека е и кај човекот влијанието на феромонот врз изборот на партнерот ист.
Присуството на органот за детектирање на феромони во фетусот на човекот е прилично долго познато. Меѓутоа, кај возрасните луѓе е докажано дури во средината на осумдесетите. Исто така се наоѓа во носната шуплина, но не е толку развиен како кај животните. Наместо богат сплет од нервни влакна, го сочинуваат поединечни рецепторски ќелии.

Секако, има и научници кои не се сложуваат во целост со постоењето на феромони кај човекот. Фурлов смета дека постојат слични супстанции на феромони кои почнуваат да се лачат за време на пубертетот и спаѓаат во групата стероиди.
Во тек се бројни студии за феромоните кај човекот и тоа воглавно на тема - влијанието на сексуалната привлечност меѓу половите. Сепак, се покажало дека кај човекот ефектите на феромоните врз сексуалната привлечност се многу помали од очекуваното. Најверојатно човекот има поразличен „осет за убавина“ од другите видови. Со други зборови, за човекот убавината која може да се види со очи е попривлечна од убавината која може да се почувствува со органот за мирис.
Адријана Митровиќ | Kaјгана
среда, 18.06.2008