Откако минататa недела протекоа фотографии на новата серија 7, BMW реагираше експресно и викендов официјално го претстави новиот автомобил.

Новата серија 7 ќе се нуди во три погонски варијанти. Моделот 730d ќе има шестоцилиндарски турбо дизел мотор со 245 КС и вртежен момент од 540 Nm, кој овозможува забрзување од 0-100 за нешто повеќе од седум секунди и постигнува максимална брзина од 250 км/ч.

740i има битурбо шестцилиндарски бензински мотор со моќност од 326 КС и вртежен момент од 450 Nm, забрзува од 0-100 км/ч за 6 секунди и постигнува брзина која електронски е ограничена на 250 км/ч.
Најсилниот модел 750i има битурбо V8 мотор со 407 КС, забрзува до стотка за 5,3 секунди и постигнува брзина од 250 км/ч.

Сите мотори имаат шестостепени менувачи, а за да се намали масата на автомобилот, во изработката на каросеријата е користен алуминиум.
Новата серија 7 ќе ја доживее светската премиера во октомри на саемот во Париз, а стартот на продажбата се очекува кон крајот на годината.

Понеделник, 07.07.2008