Венеција се протега преку 118 помали островчиња, во мочуришната лагуна, долж Јадранското Море. Местоположбата на североисток од Италија и дава драстично променлива клима. Во зима температурите можат да опаднат до замрзнување, додека во лето достигнуваат и до 35-от целзиусов степен. Бидејќи климата е променлива поради влијанието на блиските Алпи и топлите ветрови кои доаѓаат од Северна Африка, влагата е доста застапена насекаде и преку целата година.
Поради водата која ја прави Венеција уникатна, пониските температури се чувствуваат многу поладно, а повисоките многу потопло. За време на есенските и зимски месеци, Венеција страда од поплави, кои во ноември веќе изгледаат како да се најнормални појави. Поплавите се директно поврзани со струјата на венецијанската лагуна, а обично траат по неколку часа дневно.
Пред околу 1.400 години, три милји од површната вода ја разделила Венеција од главната земја Италија, со што покрај тоа што ја заштитила од освојувачи, ефективно ги изолирала венецијанците од италијанскиот политички живот.
Градот изграден од страв, подоцна бил прогласен за еден од најромантичните и најубави градови во светот. Додека фиорентинците се однесуваат како големи мислители, Венецијанците би требало да се однесуваат како големи извршители. Тие самите се избориле за врз маларично опседнатите мочуришта, да изградат град од ништо.

Во современо време Венеција е сеуште необичен и мистичен град кој вреди да се посети. Неговата голема и интензивна историја сеуште одекнува низ целиот град. Традицијата и фестивалите продолжуваат низ годините, обележувајќи ги настаните од богатата историја на градот кој уште се нарекува и Кралица на Јадранот, Градот на водата, Градот на мостовите, Градот на светлината итн.
Венеција е прилично заспан град, посебно кога би го споредиле со другите големи градови во светот. Има неколку причини за тоа. Првата е високиот просек на години на жителите, најверојатно највисок во цела Италија. Втората е релативната потешкотија да се оди од едно место на друго. Овој град не е место на автомобили и други моторни и приватни возила, а возењето со брод не е баш идеално за вечерните излегувања. Дефинитивно во Венеција има недостиг на слободен простор, па се` е доста ограничено и стеснето.

Залудно би барале ноќни активности. Таму едноставно нема што да се прави. Но, доколку реално не можете без ноќен живот, можете да се возите до Пјаца ле Рома, а потоа до Јесоло Лидо, островот кој е исто така рај за очи и место за уживање, а неговите плажи се екстремно убави и скапи.
Венецијанците ги прават сите работи различно. Тие уживаат во меѓусебните приватни забави во нивните домови. Последица на тоа се малиот број на ресторани кои сепак остануваат отворени до доцна во ноќта, каде можете да појдете на вечера после кино. Но, преку лето градот е преполн со илјадници студенти кои го трансформираат плоштадот на градот во пријатен павилјон со ресторани, жива музика и импровизирани уметнички изложби.
Друг исклучок е за време на Карневалот.
Во септември пак можете да уживате под ѕвездите и да гледате промоции на филмови во отвореното кино - Кампо Сан Поло.

Покрај сето тоа, Венеција сепак располага со широка палета на хотели, кои нудат одличен престој на посетителите. Исто располага и со незаборавни пејсажи, посебно за романтичните души. За нив се препорачува да одвојат еден дел од своето време поминато таму и да заполоват со некоја гондола низ каналите на еден од најромантичните градови. Со тргнување од Риалто мостот, пловејќи по Големиот канал, пред да навлезете во тишината, преплетените канали и бројните мостови, сте стигнале до моментот кој е совршен за украден и брз бакнеж.
Даница Ангеловска | Кајгана
Четврток, 17.07.2008