Летувањето во некоја од приморските земји речиси секогаш е полн погодок, а доколку оваа година за ваша дестинација ја изберете Турција, можете да бидете сигурни дека нема да згрешите и дека ќе се одморите во согласност со вашите желби и потреби.

Една од омилените туристички дестинации на турската обала е Кушадаси, првенствено поради цената на сместувањето и храната. Тој се наоѓа 90 километри јужно од Измир и граничи со Герменчик, Соке и Селџук. Името на овој град може да се преведе како "Остров на птици".
Кога конечно ќе стигнете во својот хотел, најпрво ќе се соочите со временската разлика (дневната просечна температура е околу 35-40 степени), а потоа и со неверојатно гостопримливите домаќини и персоналот во хотелите, кои за време на целиот ваш одмор ќе бидат во ваша близина, внимавајќи во случај да имате потреба од некаква услуга.

Тука нема никогаш да се почувствувате помалку вреден гостин од Англичанец и Холанѓанец, како што тоа може да се случи во Грција каде џебовите на другите гости се ценат повеќе од вашите. Турските домаќини ја ценат секоја заработена пара и подеднакво се трудат за секој гостин. Дружељубиви се и имаат голема желба да ви ја продадат својата стока, без разлика дали се работи за облека, обувки, злато или овошје. Купувањето во Кушадаси секогаш е интересно и весело. Најпрво ве покануваат да седнете во нивната продавница, ќе ве почестат со чај од јаболки, а потоа почнуваат да се пазарат. Интересниот дел од "ценкањето" е тоа што некогаш се случува почетната цена на производот да ја спуштат и за повеќе од половина.

Кушадаси има преку 90 хотели регистрирани во Министерство за туризам, преку 300 хотели регистрирани во самата општина, 250 пансионски објекти, 3 туристички центри и 9 кампови.
Скоро секој хотел во градот или на плажата има базен, а некои од нив имаат и свои плажи. Цената за сместување и исхрана се разликува на повеќе места, а таа зависи од бројот на ѕвездите кои ги има хотелот. Најчеста понуда во хотелите е шведската маса за доручек на која се наоѓаат класичен турски јадење или поточно - домати, краставици, младо сирење, маслинки, лубеници, чај и кафе. За вечера пред вас е голем избор на салати, чорба, пилав, полнети тиквички, кебапчиња, сарма од лозов лист, печен домат и сл.
Во овој турски град кој има 35.000 жители, преку лето достигнува бројка и до 500.000 луѓе. На 20 километри од Кушадаси се протегаат 33 плажи со златна боја, патем се наоѓаат и Long beach, Green beach, Silver beach и Paradise beach. На некои од плажите се наплаќа за влез, односно лежалка и чадор. Најголемиот дел од плажите се песочни, а за оние кои сакаат да лежат на камен, постои национелен парк, кој има неколку плажи и убава природна сенка.

После целодневното одмарање на сонце или после капењето во топлото море (температурата на водата изнесува околу 23 степени), на располагање ви стојат големиот број на кафе барови, ресторани и дискотеки на отворено, во кои Турците без прекин енергично ве покануваат и тоа на вашиот мајчин јазик.
На многу места може да се слушне и наша македонска музика. На улицата наречена Bar Street најчесто има ирски пабови, а цената на пијалоците во нив се движи од две до четири евра.
Добрата позицијата на Кушадаси овозможува посета на бројни антички локалитети како Милет, Дидим, Пријен, Памукал, Ефес, Афродијаз и многу други. Во ѕидините на Ефес се наоѓа едно од седумте светски чуда на стариот свет, храмот на Ардемиди. Преку пат на Кушадаси е и островот Самос, погоден за убав еднодневен излет.