Исланд е Северно-aтлантски остров и најзападна земја во Европа. Се протега на 800км северозападно од Шкотска и 970км западно од Норвешка. Главниот град на Исланд - Рејкјавик, е оддалечен од Лондон исто колку што е оддалечена и Атина. Тој се наоѓа на јужното крајбрежје на Исланд и заедно со својата околина брои 179.782 жители.
Распространет е на полуостров со панорамски поглед од планини и Атлантскиот Океан од скоро сите страни. Ограден е со планината Есја, која го штити градот и со сината вода на заливот Факсафлој.

Рејкјавик е прекрасен град за посета, било да е тоа за некој културен настан или само за полнење на вашите батерии. Помислете на некое идеално место за одмор и ќе помислите токму на него.
Најсеверниот главен град на светот е буквално здив од свеж воздух, убава мешавина од забава, простор, природа и уникатен Исландски шарм.

Има зашеметувачки вулкански пејсаж, исшаран со природни термални лагуни и гејзери, а доколку немате доволно среќа да ја видите на дело "поларната светлина", секогаш ги имате впечатливите кафетерии, културни и клубски сцени на кои можете да паднете.
"Aurora borealis" или "поларната светлина" може да се забележи единствено при тотален мрак и кога водата е бистра и ладна. Такви ноќи на Исланд има само преку зима, поточно од септември до април. За да биде појасна глетката и поголемо уживањето, пожелно е да се избере место за гледање, кое е далеку од силните градски светла.

Ако размислувате за квалитети, Рејкјавик ви ги нуди во изобилство. Има особини на модерното и напредно општество, кое е надополнето со тесната поврзаност со убавата природа. Двете главни сфери се пристаништето и малото вештачко езеро. Пристаништето изобилува со бродови и риболовци, одликувајќи ја риболовната нација.
Во просторот покрај езерото ќе ги најдете Парламентот, црквата Халгрмскиркја, Нордиската Куќа, импресивната Национална галерија на Исланд и Градското Собрание. Доколку застанете на утрински чај во хотелот Борг, веднаш наспроти Градското Собрание, можете да ја видите пејачката Бјорк, некој локален законодавец или претседателот на Исланд.

Посетата на Рејкјавик не би била комплетна без застанување на Лаугардаул, местото на кое се наоѓаат популарниот базен за пливање (секогаш затоплен со геотермална вода), ботаничката градина, паркот Рејкјавик и Зоолошката градина.
Најчесто се препорачува и шетањето по Лаугавегар, главната трговска улица која претставува и срце на овој град.

Поважните работи и места на Рејкјавик можат да се видат во два дена, но препорачливо е доколку дозволува времето, да се остане подолго. За да се посака тоа, дополнително влијаат градските жители, кои се многу гостопримливи и пријателски настроени.
Бидејќи градот е стар, улиците имаат чудни правци, па лесно е човек да се дезориентира. Затоа повеќето хотели имаат серии од високи знамиња од надвор, за да ги насочуваат гостите кон точниот правец.
Даница Ангеловска | Кајгана