Понеделник, 28.07.2008 | 13:39
За милиони сурфери од целиот свет Google е најквалитетниот пребарувач, но некои не мислат така. Едни од нив се и вработените во компанијата Cuil, кои тврдат дека имаат поголем, побрз и подобар пребарувач од сеприсутниот Google.

Уште еден пребарувач ја здогледа светлината на денот. Cuil е производ на брачниот пар Том Костело, кој е професор на Универзитетот Стенфорд, и Ана Петерсон - поранешна вработена во Google. Петерсон го напуштила Google во 2006 година и тоа токму со намера да создаде пребарувач кој е подобар од нивниот.
Основната разлика помеѓу Cuil и Google е во начинот на рангирањето на веб страниците. Додека Google се потпира на сопствениот Pagerank, системот кој анализира врски до веб одредиштата, Cuil ги анализира содржините на секое од поединечните веб одредишта и ги рангира според овој параметар.
Другиот новитет во пребарувањето на интернет содржините кој го претстави Cuil е во категоризацијата на прикажаните резултати при поединечните барања од корисниците. Доколку внесете поим за пребарување како на пример "google", Cuil ќе ги подреди резултатите во табови поврзани со Google Earth, Google Search, Google Groups и т.н.
За разлика од Google кој со цел да ги "подобри" своите резултати во пребарувањето ги памти сите барања од корисниците, тимот на Cuil ова го смета за повреда на приватноста на корисниците, па нивниот пребарувач не го прави тоа.
Да не должиме, пробајте го на www.cuil.com