Среда, 30.07.2008 | 10:07
Даница Ангеловска
Островот Хвар е познат уште од античкото време, поради неговата важна стратешка и поморска местоположба и изобилува со богатство од разни историски периоди, културните и природни споменици.
Се наоѓа на централниот Далматински архипелаг, југоисточно од островот Шолта, јужно од островот Брач, северно од полуостровот Пељешца и Корчула и североисточно од островот Вис.

Најдолгиот јадрански остров, кој од копното е оддалечен само 4 km, има должина од 68 km, ширина од 10,5km и е четврт по вкупна површина која изнесува 299,7 km2. Свети Никола е највисокиот Хварски планински врв со висина од 628 m.
Климата на островот Хвар, со оглед на неговата местоположба, карактеристична е по благите зими и сушни лета. Средната годишна температура, мерена во последниве 60 години изнесува 16,2 °C. Најниската температура, забележана на овој остров е дури -7,2 °C. Најудобна и најблага клима има населбата Хвар, која лежи на заливот отворен кон запад, со повисоки терени од север и југ кои ја штитат од ладните зимски бури. Благодарение на таквата клима, Хвар прима многу туристи, научници и патници, кои покрај тоа се привлечени и од густата медиранска природа, богата традиција, архитектурата и ноќниот живот.

Складната симбиоза на населението и околината посебно е впечатлива во некои стари села како што се Заградача, Хумца, Прилога, Маслиновика и др. Ова се мали места со специфична селска архитектура, во кои денес сеуште може да се најдат многу стари предмети кои некогаш биле користени во домаќинствата.
Почетоците на туризмот на Хвар започнуваат од далечното минато, што е забележливо и по остатоците на вилите и господарските куќи по целата хварска долина. Во средниот век островот бил најпосетуван од разни научници кои доаѓале да проучуваат се` со што тој располагал. Организираниот туризам започнал во 1868 година, со основањето на Хигиенското друштво на чело со бискупот Јуриј Дубоковиќ, во чија куќа подоцна бил отворен и првиот хотел со 13 еднокреветни соби и ресторан.

Освен со туризам и винарство, кои сеуште се најјаките гранки на островската економија, луѓето се занимаваат и со сточарство, одгледување ароматични билки (лаванда и рузмарин), маслинки и смокви како и со риболов. Риболовот е исто така многу важен, поради богатиот рибен фонд. Но, покрај сето тоа, напредокот на овој остров тесно е врзан со поморскиот превоз, кој постојано е причина за неговиот развој.

“Амфора” е најголемиот хотел во Хвар, кој после опширното реновирање вредно 40 милиони евра, преименуван е во “Големата Плажа и Одморалиште Амфора”. Најновиот обновен и луксузен хотел, сега располага со каскадни базени опкружени со убаво уредени градини, фитнес центар, романтичен и нов ресторан, кино сала и со многу други поволности кои овозможуваат идеален семеен одмор.
