Понеделник, 04.08.2008
Во морето на пластичните операции на кои секојдневно се подложуваат незадоволниците, меѓу најбизарните спаѓа операцијата за продолжување на нозете. Во желбата за неколку сантиметри повеќе, многумина се подготвени да се подложат на операција со неверојатни болки и исцрпувачка рехабилитација. Сето ова им го овозможуваат хирурзите од клиника во Сибир.
Многу од пациентите доаѓаат од развиените западни земји и плаќаат 75.000 долари за неколку сантиметри подолги нозе. Во последните 10 години, дури 10.000 пациенти ја посетиле клиниката во сибирскиот град Курген.
За да се продолжат нозете, потребно е да се скршат коските. Потоа, на местото на скршеницата се вметнуваат метални шипки кои не дозволуваат коските повторно да се спојат, а помеѓу нив расте нова, неколку сантиметри долга коска. Расте и нов мускул и нерви. Целиот процес трае околу една година и е исклучително болен.
На оваа бизарна и тешка операција се одлучила и 29 годишната Сара Ворнамен, која била несреќна поради нејзиниот низок раст.
"Целиот живот луѓето ме зезаа поради мојата висина и никој не ме сфаќаше сериозно", вели Сара, која претходно била висока 1,50 метри.
"И кога е кариерата во прашање, секогаш имав чувство дека мојата висина ме спречува во напредокот. Иако дипломирав право, мојата висина влијаеше на туѓото мислење за мене. Изгледав како дете".
Поради сето ова, Сара пред 6 години се одлучила на операцијата поради која трпела неподносливи болки. Нозете и биле скршени на осум места и минала низ агонија во периодот на рехабилитацијата.
"Докторите ме предупредуваа и ми објаснија дека може да дојде до дури 250 различни инфекции. Но, јас се одлучив да одам до крај", вели Сара, која по операцијата има за 8 сантиметри подолги нозе.