Петок, 08.08.2008 | 09:22
Стојче Стаменковски
Брзината со која реагираме во опасните ситуации понекогаш може да значи живот или смрт. Во примитiвното минато тоа би значело бегање од животните, а денес избегнување на пример на сообраќајни несреќи. Меѓутоа, за некои одлуки потребно е да се соберат повеќе информации пред реакцијата, а нашиот мозок за тоа да најде решение.

Долго време владеело верување дека во мозокот има два системи за донесување на одлуки кои функционираат со различни брзини кога ќе се соочаат со различни ситуации. Новото истражување спроведено на Универзитетот Бристол се потпира на таа теорија, и потврдува дека еволуцијата довела до потреба од формирање уште еден дел на мозокот. Тој е побавен, но собира повеќе информаци со цел донесување на што попрецизни одлуки.
Зошто на човечкиот мозок му се потребни тие две подрачја за донесување на одлуки? Кои предности ги носи новиот систем?
Додатниот дел на мозокот значи додатна тежина и енергија. Значи ли тоа дека стариот дел од мозокот за донесување на одлуки е непотребен? Ако е така, можно ли е тој да атрофира, па со тек на време нашиот мозок да стане помал. За да даде одговор на овие прашања, Пит Тример (носителот на истражувањето) изградил теоретски модел кој ги преставува двата система во кои е опишан еден систем за кој се претпоставува дека реагира многу брзо, но неточно и друг кој реагира после собирањето на доволно информации и затоа е бавен.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека во суштина на нас ни се потребни двата система и кога нивото на опасност е високо, на пример ризик од напад на опасно животно-тогаш е корисно да имаш систем кој ќе реагира брзо. Меѓутоа, кога ќе се најдеме во сложена ситуација како што е некој друштвен однос, новиот систем е тогаш повеќе корисен.
“Кога животот стана комплициран, потребата од собирање на информации пред донесувањето на одлуката влијаела на развојот на новиот систем во мозокот. Тоа можело да доведе до брз развој на кортексот кај цицачите. Ако луѓето продолжат да живеат во опасен свет, каков што е овој денес, уште повеќе ќе имаме потреба за донесување на брзи одлуки, па затоа не е можно човековиот мозок да атрофира за брзо време" вели Тример.