Вторник, 12.08.2008 | 12:15
Доколку се заразат со други вируси, и вирусите можат да се разболат - тврдат научниците од Универзитетот во Марсеј, кои веруваат дека откриле нов вид вируси што го овозможува ова.

Новооткриениот вирус наречен “Спутник“ е многу мал и содржи само 20 гени. "Спутник" е откриен во групата на порано откриениот вирус што шири зараза меѓу амебите. Овој вирус се населува во друг вирус и влијае врз неговиот репродуктивен механизам. Заразените вируси создаваат изобличени структури, односно “заболуваат“.
По примерот на бактериофагите, вирусите што ги инфицираат бактериите, новиот тип вируси е наречен вирофази.
Стручњаците порачуваат дека не постои надеж оти новооткриениот вирус би можел да послужи за борба против вирусните заболувања кај луѓето. Тие претпоставуваат дека Спутник и неговите сродници се во состојба да напаѓаат само големи вируси, а вирусите што ги предизвикуваат опасните болести, по правило се мали.