Вторник, 19.08.2008 | 19:16
Малезиските исламисти бараат од владата да го забрани концертот на Аврил Лавињ. Причината - ги оценуваат настапите на канадската пејачка како "премногу секси".
Пејачката која се прослави во 2002 година со албумот Let's Go, планира да ја започне едномесечната азиска турнеја на 29-ти август со концерт во Куала Лумпур.
Подмладокот на исламската партија ПАС соопшти дека настапот на канадската музичарка промовира погрешни активности во очи на Денот на независноста на Малезија, на 31 август.
"Тоа не е добро за гледачите во Малезија. Не сакаме настапот да влијае на нашиот народ, на нашите тинејџери... Сакаме "чисти" уметници, оние кои се добар пример", изјави Камарулзам Мохамед, портпаролот на партијата ПАС.
Минатата недела, партијата упатила протестно писмо до Министерството за култура, како и до градоначалникот на Куала Лумпур. Министерството сеуште и нема издадено дозвола за настап на Аврил Лавињ во Малезија.
Инаку, Малезија бара од сите изведувачи да бидат покриени од гради до колена и нивната облека да не содржи непристојни илустрации. Изведувачите мораат исто така и да се воздржуваат од викање, скокање, гушкање и бакнување на бината.
Минатата година Гвен Стефани настапи во долг фустан, додека Кристина Агилера и Бионси ја заобиколија Малезија за време на турнеите во регионот.