Среда, 27.08.2008
Боливудските продуценти на филмот "Hari Puttar - A Comedy of Terrors" ќе се најдат пред суд затоа што Warner Bros смета дека неговото име е премногу слично со името на најславниот детски волшебник.
Иако боливудските продуценти често ги копираат делата на нивните колеги од западот, овојпат се чини дека Индијците всушност и не се виновни, односно дека воопшто ја немаат оштетено продуцентската куќа на Хари Потер.
Продуцентот Муниш Пури веќе објасни дека Хари е доста застапено име во Индија, а "путар" на панџаби јазикот значи "син". Покрај тоа, Индијците велат дека законски го регистрирале името на филмот уште пред три години.
Крајниот заклучок е дека само името на филмот е спорно, затоа што дури и приказната нема никаква поврзаност со онаа на Хари Потер. Во комедијата се раскажува приказната за едно младо момче чии родители заминуваат на одмор, а тој сам во куќата се бори со провалниците. Поради тоа, сепак би можел да заработи тужба од сопствениците на правата на мегапопуларната детска комедија "Сам дома".