Недела, 31.08.2008
Фросина Дишлијовска
Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, 30-годишниот Луис Саха треба уште да ги помине формалностите и медицинските тестови за да премине во редовите на Евертон за засега неоткриена сума на пари.

Саха, кој има 19 репрезентативни настапи за Франција, има опција да го продолжи договорот и да остане на Гудисон Парк уште една дополнителна сезона. Додека настапуваше за Манчестер Јунајтед, Луис Саха одигра 124 натпревари и постигна 42 погодици, но често беше мета на повреди и последниве 2 години мораше да паузира почесто, со што му беше само дополнителен терет на клубот. Пред да потпише за Манчестер Јунајтед, Саха настапуваше за Фулам каде во 117 натпревари постигна 53 гола.
Ова е трето засилување на Евертон, откако претходно Дејвид Мојс ги донесе во Евертон Ларс Јакобсон и Сегундо Кастиљо.
Заминувањето на францускиот интернационалец од Манчестер Јунајтед може да се оцени како правење место за новото засилување, Димитар Бербатов од Тотенхем, кој се верува дека ќе се приклучи кон редовите на "Црвените ѓаволи" до затворањето на летниот преоден рок, на 31.08. во 00:00 часот.