Среда, 03.09.2008
Актуелниот проблем со вишокот домати и нивниот пласман ќе го решаваат преработувачките капацитети. За да им ги исплатат откупените количини на земјоделците, тие, преку Гарантниот фонд, ќе добијат поволни кредити.
Ова денеска, на средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ацо Спасеноски, го договорија производителите и претставниците на конзервната индустрија.

Цената што преработувачите ја нудат е 4,5 до 5,5 денари за килограм или два до три денари повеќе од лани. Според нив, ова е сериозна сума, но производителите не се задоволни и допрва ќе одлучат дали ќе го предадат производството.
- Во последниве десетина дена има околу 5.000 тони домати пазарен вишок кои не можат да се извезат зашто соседните земји, каде традиционално се пласираат, исто така, кубурат со вишок производство. Преработувачките капацитети, пак, во овој момент може да апсорбираат по околу 270 тони домати дневно. За тоа што ќе ги откупат овие количини, од Гарантнтиот фонд ќе добијат поволни кредити за побрза исплата на средствата, изјави Спасеноски по средбата.
Тој смета дека ситуацијата ќе биде надмината, односно извозот ќе продолжи, по 15 септември, кога привршува бербата на доматите во соседните држави.
Според министерот, од предвидените 50 милиони денари што годинава беа предвидени за субвенционирање на градинарскското производство под отворено, околу 46 милиони останаа неискористени.
- Овие средства ќе се пренаменат, најверојатно за допокривање на цената што ќе ја понуди конзервната индустрија, рече Спасеноски.
Во следните неколку дена ќе продолжи интензивната промоција на македонското производство надвор од земјава, не само во регионот, туку и пошироко, со цел да се реши проблемот со пласманот.
- Цената што ја нудат преработувачите е многу мала со оглед на производните трошоци. Реално, килограм домат произведен под пластеници чини 17 до 22 денари, изјави Ристо Велков, производител од струмичкото село Василево, кој присуствуваше на средбата.
Во иднина, за да нема пазарен вишок, сугерираат преработувачите, производството треба да биде организирано и плански. Според нив, во јули, наместо да се произведува на отворено, земјоделците треба да сеат идустриски домат.
- Проблемот се појави уште во јуни поради зголеменото производство за 100 отсто во однос на минатата година. По интервенција на Министерството веднаш се нафативме да го решиме проблемот. До денес, ниту еден земјоделец не е одбиен доколку го понуди своето производство. Нашата цена е од пет до 5,50 денари за килограм, зависно од кој крај доаѓа. Мислам дека ова е сериозна цена за индустријата и во однос на лани, значи зголемување за два до речиси три денари, изјави Ѓорѓи Дучков, сопственик на „Зора шпед“ од Гевгелија.
Трошоците за добивање готов производ од еден килограм домат изнесуваат околу 70 денари, а цената на еден килограм доматено пире што се извезува е едно евро.
- Тоа значи дека уште во старт, ако ја зголемиме цената и им дадедеме на земјоделците повеќе од 4,5 денари, би имале загуба. Практично, откупната цена што ја нудиме е иста како во Шпанија, Португалија, Италија, па дури и во САД, кои се многу поголеми производители, истакна директорот на „Домати“ од Свети Николе Ѓорѓи Митев.
Моментно, трговците им нудат на земјоделците по околу шест денари, а откупот се одвива стихијно, 20 до 40 тони дневно.