Тројца канадски војници денеска се убиени, а петмина се ранети во нападот врз нивното армиско возило во Авганистан, за АФП соопштија воени извори.

Експлозијата се случила во 9,30 часот по локално време во дистриктот Жари, на југот од земјата, соопшти бригадниот генерал Денис Томпсон, командант на канадските сили во Кандахар.
-Војниците беа во безбедносна патрола кога нападот е изведен, изјави Томпсон. „Сите осуммина војници беа евакуирани во Кандахар каде медицинските лица ја потврдија смртта на тројца војници.
-Од петмината војници што се повредени, еден се наоѓа во критична состојба, еден е сериозно повреден но е во стабилна состојба, двајца се во добра состојба, а едниот беше третиран и отпуштен од болницата, додаде Томпсон.
Војниците, според генералот Томпсон, кон крајот на месецот требало да го завршат својот мандат во канадскиот контингент во Авганистан.
Канада во Авганистан има контингент од 2.500 војници како дел од Меѓународните сили на НАТО - ИСАФ. Од почетокот на мисијата во 2002 година во Авганистан загинаа 96 канадски војници и еден дипломат.