Четврток, 04.09.2008
Европската комисија започна консултации за составување акт со кој ќе се забрани клонирање на животни во земјите-членки на Европската Унија, објавија чешките медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, со документот ќе биде забранет и увозот на месо и млеко добиени од клонирани животни.
Агенцијата за заштита на прехрамбените продукти во земјите-членки на ЕУ соопшти дека млекото и месото од клонираните животни не смее да се употребува, бидејќи клонираните животни се најмногу подлежни на болести и инфекции.
Предлогот за забрани за увоз на млечни и месни производи од клонирани животни беше подржан од противниците на клонирањето животни, кои сметаат дека тоа претставува „прв чекор од новото време во кое ќе почнат да се клонираат и луѓе“.
Европскиот парламент вчера повика да се воведе забрана за употреба на месо од клонирани животни на целата територија на Европската унија. Според Европарламентот, оваа забрана е потребна за да се заштитат животните, но и да се зачува имиџот на земјоделство во Европа, кое важи за висококвалитетно.
Според експертите, клонираните животни страдаат од повеќе недостатоци, побрзо стареат и побрзо умираат од обичните животни.
Иако во моментов во светот никаде не се продава месо или млечни производи од клонирани животни, таква можност се појави во јануари, кога американските регулатори сооопштија дека клонираното месо е исто толку безбедно, како и обичното.