Четврток, 04.09.2008
Еврото денеска на азиските берзи падна на најниско ниво во однос на конкурентските валути во последните осум месеци, во очекување на денешната седница на Одборот на гувернери на Европската централна банка.
На Берзата во Токио едно евро денеска се менува за 1,4492 американски долари, како и за 156,59 јени, што е најниска вредноста на европската валута по 22 јануари.
Покрај еврото, во однос на јапонскиот јен ослабна и доларот, кој денеска се менува за 108,06 јени, за разлика од вчерашните 108,27 јени.
Британската фунта, исто така загуби на вредност во однос на американската валута, менувајќи се за 1,7756 долари.
Управните тела на Европската централна банка и на Банката на Англија попладнево треба да одржат состаноци, на кои според најавите ќе бидат донесени одлуки за задржување на сегашната висина на основната каматна стапка во евро-зоната и во Велика Британија.
Иако не се очекуваат промени на каматите, дилерите со внимание ги очекуваат заклучоците од овие состаноци, кои ќе се однесуваат на мерките за справување со инфлацијата и за поттикнување на економскиот раст.
- Берзанските играчи чекаат да ги видат заклучоците на Европската централна банка и на Банката на Англија пред да донесат идни одлуки, смета дилер од Токиската берза, кој побарал анонимност.
Основната каматна стапка во евро-зоната изнесува 4,25 отсто, а во Велика Британија пет проценти.