Четврток, 04.09.2008
Одделението за економски криминал при Секторот за внатрешни работи во Скопје до надлежното Јавно oбвинителство денеска поднесе кривична пријава против Мулиќ Ерол (39), административен техничар во Одделението за социјална работа за подрачјето Кисела Вода при Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа за град Скопје и против Стојковски Ќире (45) поштар во Македонски пошти поради основано сомнение дека во периодот 2001 – 2008 година ги сториле кривичните дела „измама во службата“, „фалсификување исправа“ и „помагање“.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски на денешната прес - конференција информира дека Мулиќ, со намера да се здобие со противправна имотна корист, при компјутерската обработка на податоците за корисниците на социјална помош внесувал податоци на фиктивни корисници на социјална помош и овозможил истата да биде исплатена. Во тоа, му помогнал поштарот Стојковски, со кого потоа ги делеле наводно исплатените парични средства во вкупен износ од 7.526.941,00 денари или над 120.000 евра.
- Во посочениот временски период на таков начин биле исплатени парични средства на име социјална помош на 100 измислени корисници. Паричните средства во износ од 7.526.941,00 денари биле присвојувани од страна на поштарот, кој подоцна ги поделил со првопријавениот, посочи портпаролот на МВР.
По извршените оперативни проверки во наведената установа, од разговорот со пријавените, како и увидот во документацијата во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, појасни Котевски, е утврдено дека Мулиќ бил должен да врши упис на нови барања за остварување на право за социјална помош, да врши пријавување и попишување на странки според дадените упатства и законските прописи, како и да издава решенија и потврди за остварување на социјална помош.
- Со намера да се стекне со имотна корист тој во периодот од октомври 2001 до април 2008 година неосновано и незаконски внесувал податоци за фиктивни непостоечки корисници на социјална помош и вршел нивна исплата. Податоците ги внесувал на измислени семејства и за истите не биле формирани досија, ниту картони за месечно евидентирање на корисникот. По ова, тој изготвувал списоци на корисници и сочинувал вирмани, односно уплатница за нивна исплата, при што дополнително ги внесувал фиктивните корисници користејќи измислени матични броеви за корисниците, образложи Котевски.
Целокупната неоснована и незаконска исплата на парични средства по основ социјална помош била адресирана на еден поштенски реон кој го покривал подрачјето на ул.„Сава Ковачевиќ“ во Општина Кисела Вода, а за кој реон задолжен доставувач бил поштарот Стојковски.