Петок, 05.09.2008
Едно лице загина, а седуммина се повредени во експлозија на бомба во дворот на едно кафуле во јужниот дел на Москва.
Московската полиција потврди дека синоќа околу 10 часот експлодирала бомба на летната тераса на едно кафуле во близина на метро станицата Домодедово во главниот руски град. На местото на експлозијата немало појава на пожар, а детонацијата не причинала оштетување на зградата во која се наоѓало кафулето.
Според една од верзиите, непознато лице фрлило граната врз кафулето и побегнало со автомобил.
Руски специјални екипи работат на местото на експлозијата за да утврдат за каква експлозивна направа станува збор, а полицијата ги испрашува сведоците на инцидентот.