Петок, 05.09.2008
Електрани на Македонија одлучи да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за промена на цената на произведената електрична енергија.
Од компанијата соопштуваат дека барањето за корекција следи по извршената анализа на работењето во претпријатието која покажала дека има потешкотии за непречено извршување на производниот процес, недостиг на средства за спроведување на нужните ремонтни зафати на термоелектраните, отежната набавка на материјали и резервни делови и немоќ за реализација на инвестициски циклус и вложување во нови производни капацитети, а со тоа постепена деградација на производните капацитети и намалување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија од сопствените производни капацитети.
Проценките на компанијата се дека домашното производство на електрична енергија во наредниот петгодишен период, доколку АД ЕЛЕМ продолжи да работи со сегашната цена, би можело да биде значително отежнато.
- Применувајќи ја постојната методологија од Правилникот за начин и услови за регулирање на цена, а согласно извршените пресметки, АД ЕЛЕМ смета дека е потребна корекција на производната цена која би изнесувала 1,8 ден/киловатчас, што како приход би бил доволен за извршување на регулираната дејност-производство на електрична енергија, се наведува во соопштението од АД „ЕЛЕМ“.
Од ЕЛЕМ потенцираат дека со евентуална корекција на цената за услугата што ја нуди како јавен сервис, ќе биде во можност да продолжи со веќе започнатите, но и да иницира нови проекти кои ќе придонесат за модернизација и зајакнување на енергетскиот систем на Република Македонија, како и за квалитетно, стабилно и најекономично производство на електрична енергија.
АД Електрани на Македонија првпат по издвојувањето од АД ЕСМ поднесува барање за корекција на цената.