Петок, 05.09.2008
Стопанската комора на Македонија (СКМ) го поддржува барањето на пиварите да се изземе пивото од забраната за продажба на алкохол од 19 до 6 часот изутрина, што почна да се применува од 1 септември.
- Пивото не треба да се третира како алкохол, бидејќи како производ тоа не е ставено ни во Правилникот со кој се забранува продажба после 19 часот, а исто така е различно третирано и во делот за квалитет. Ние имаме Правилник за квалитет на алкохолни пијалоци каде што се опфатени алкохолните пијалоци и виното и имаме Правилник за квалитет на пиво. Со самото тоа пивото е изземено од алкохолните пијалоци што значи дека одредбите за забрана за продажба на алкохол по 19 часот не се однесуваат за него, изјави Стојмирка Тасевска од СКМ.
Комората како асоцијација, како што посочи таа, веќе реагираше во смисла пивото на теренот да се изземе од третирањето на алкохол.
- Во правните акти што обврзуваат за забрана на продажба на алкохолни пијалоци после 19 часот нигде не е кажано дека тоа се однесува на пивото. Побаравме да се расчисти дилемата дали пивото треба да биде во Правилникот со кој се забранува продажба на алкохол по 19 часот, рече Тасевска и укажа дека пивото не треба да се третира како алкохол.