Незадоволство кај туристичките агенции поради новиот Закон за туризам кој предвидува обновување на лиценците за работа. Според оваа измена во Законот која треба да стапи на сила во јануари 2009, директорите треба да имаат факултетска диплома за туризам и сертификат за директор.
Вработените ќе мора да полагаат стручен испит за раководење со туристичка агенција, а сертификати ќе треба да добијат и туристичките водичи. Сопствениците велат дека овој закон би требало да се применува за оние агенции кои допрва ќе се отвораат, а не за оние кои имаат долгогодишно искуство и ги исполнуваат сите услови.
Покрај незадоволните постојат и сопственици кои сметаат дека овој закон на Владата е сосема коректен и дека само така ќе се отстранат оние кои работат непрофесионално.
- Овие измени се сосема во ред... се знае дека ако сакаш да работиш, работниот кадар треба да биде високо образован - вели Ангел Иванов.
Од Министерството за економија велат дека дополнителни трошоци ќе нема, освен оние за добивање сертификати кои ќе ги издаваат факултетите за туризам во земјава. Висината на трошоците сеуште не е утврдена, а ценовникот ќе го одобри Владата.