Повеќе од 20 лица досега се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје поради труење од еклери и други колачи купени во малопродажба во општина Шуто Оризари.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат Скопје информира дека по добиената пријава од ЈЗУ ЗЗЗ Скопје, стручни екипи веднаш излегле на терен и извршиле инспекциски надзор во посочените малопродажни објекти, при што се најдени недекларирани слаткарски производи (еклери,тулумби и други колачи), кои се чувале надвор од разладен уред.
Во соработка и со асистенција на полицијата извршен е инспекциски надзор и кај производителот на слаткарските производи од кои се снабдуваат продажните објекти - „Слаткарница Дервен“ лоцирана на ул. Нов живот бр.33 во нас Шуто Oризари, како и во работилницата на слаткарницата.
По извршениот инспекциски надзор, донесена е одлука за забрана за работа на сите иснпектирани објекти со цел да се спречи натамошното ширење на труењето со храна.
Министерството за здравство преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат препорачува граѓаните да не купуваат и да не конзумираат небезбедни прехранбени производи кои се недекларирани, некомплетно декларирани и кои се чуваат надвор од разладен уред.