Македонската фудбалска репрезентација со победа против Шкотска од 1:0 го почна квалификацискиот циклус за пласман на Светското првeнство во Јужноафриканската Република во 2010 година.
Победничкиот гол за Македонија во премиерниот кавалификациски натпревар што се одигра попладнево на Градскиот стадион во Скопје го постигна Илчо Наумоски во 5 минута. Македонските фудбалери пропуштија неколку посериозни шанси за поубедлива победа, особено Мазнев, Пандев и Шумоликоски.
Натпреварот на Градски го следеа околу 11.000 навивачи од кои илјада шкотски фанови. Главен судија беше Павел Краловец од Чешка.
Квалификциите за Мундијалот во Јужноафриканската Република во 2010 година, македонската селекција ги продолжува веќе в среда, повторно во Скопје, против најголемиот фаворит во групата и една од насилните национални репрезентации – Холандија.
Македонија е во деветата европска квалификациска група во која покрај Шкотска и Холандија, се и Норвешка и Исланд.
За „црвено-жолтите“ ова се вкупно седми, а втори под водство на селекторот Среќко Катанец, квалификации за настап на светски или европски првенства. Во сите претходни Македонија не успеа да се избори пласман.
Денешниот противник на македонската селекција, Шкотска, во моментов е рангирана на 16 место на листата на ФИФА, а досега има осум настапи на завршните борби на светските првенства и два на европските шампионати.
Во Европа вечер стартуваат и натпреварите во сите квалификациски групи.
Во групата 9, покрај Македонија –Шкотска, играат и Норвешка и Исланд.
Во групата 1 се состануваат Унгарија - Данска, Малта - Португалија, Албанија – Шведска.
Група 2: Молдавија - Летонија, Израел - Швајцарија, Луксембург – Грција.
Група 3: Полска - Словенија, Словачка - Северна Ирска.
Група 4: Велс - Азербејџан, Лихтенштајн – Германија.
Група 5: Ерменија - Турција, Белгија - Естонија, Шпанија - Босна и Херцеговина.
Група 6: Украина - Белорусија, Андора - Англија, Хрватска – Казахстан.
Група 7: Романија - Литва, Србија - Фарски Острови, Австрија – Франција.
Група 8: Грузија - Република Ирска, Кипар - Италија, Црна Гора – Бугарија.