Премиерот Никола Груевски не очекува дека Македонија може да добие датум за преговори за членство во Европската унија доколку не биде решен спорот со името со Грција, без разлика дали таа ќе ги исполни задачите поставени од Брисел.
Начинот на кој тоа ќе и биде соопштено на Македонија, според него, ќе зависи од она што ќе успее Грција да го договори со Брисел.
- Неколкупати досега сум кажал дека клучен за влез на Македонија во ЕУ е спорот со Грција и блокирањето од нејзина страна. Јас имам информации дека уште во јуни годинава во ЕУ имало подготвеност да се одреди датум за почеток на преговори. Тоа го знам од словенечката страна. Датумот не беше одреден само поради спорот со Грција, изјави премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на локацијата каде се градат Музејот на жртвите на комунизмот и Стариот театар.
Тој смета дека со оглед на тоа што нема сериозен прогрес во тој дел досега, но и доколку така остане и во септември и во октомври, не може да се очекува Македонија да добие датум за преговори годинава.
- Дали тоа ќе биде оправдано со спорот или ќе биде најдена друга причина дека изборите беа вакви или онакви, дека недостига нешто, оти треба да поработиме уште малку ќе зависи од тоа како Грција ќе ги среди работите во Брисел, дали ќе успее да го стави во една друга обланда или пак ќе биде кажано дека претходно треба да се реши спорот со името, истакна Груевски.
Коментирајќи ги информациите дека формирањето на новата партија на доскорешниот потпретседател на ДПА Имер Селмани е поврзано со негово ветување за вицепремиерско или министерско место во Владата, Груевски негираше дека такво ветување постоело и оти немало никакви контакти во таа насока. - Имер Селмани е подолг период во политиката и тој може најдобро да ги објасни причините за создавањето на новата партија, рече Груевски.
Запрашан како слабеењето на опозицијата, прво со случувањата во СДСМ, сега и со поделбата на ДПА, може да влијае на демократијата во Македонија, Груевски истакна дека тоа се природни процеси неминовни кога некоја партија ќе загуби на избори.
- Тоа се природни процеси кога после загубени избори има промени во партиите кои ги загубиле изборите. Нормално е да се запрашаат зошто ги загубиле изборите и да направат анализа, како што правиме ние пак зошто ги добивме изборите, со цел да не изостанат позитивните работи, но и да видиме кои се наши грешки и да ги поправиме, истакна македонскиот премиер Никола Груевски.