Петок, 24.10.2008
„Рено“ најави времено затворање на речиси сите свои капацитети во следните недели.

Неговиот домашен ривал „Пежо-Ситроен“ објави драстично намалување на производството, како резултат на намалената продажба на возила во Европа предизвикана од глобалната економска криза.
Претставникот на Синдикатот на „Рено“, Фабиен Гаш соопшти дека во наредните една до две недели овој француски автогигант ќе ги затвори „речиси сите“ свои фабрики во Франција.
Затворањето ќе почне следната недела со фабриките во Ле Ман и Флин, кои ќе бидат затворени 15 дена, соопшти Гаш.
Во северниот француски град Ле Ман и во париското предградие Флин се наоѓаат двете најголеми фабрики на „Рено“ во Франција.
Гаш најави дека по овие две, времено ќе биде затворена и третата фабрика на „Рено“ во Франција, додека четвртата веќе работи со половина капацитет.
Во исто време, домашниот ривал на „Рено“, „ПСА Пежо-Ситроен“ соопшти дека донел одлука за „масовно намалување на производството“ во четвртиот квартал од оваа година, во рамките на својот акционен план изработен како резултат на падот на продажбата на возила во Европа.
Групацијата предвидува дека оваа година падот на продлажбата на нејзините возила ќе изнесува околу осум проценти, при што само во последниот квартал од 2008 тоа намалување ќе биде околу 17 проценти. Во исто време, автоконцернот предвидува пад на проходите од продажба во 2008-та од 3,5 проценти.