Среда, 29.10.2008
Богдан Илиевски
И естетските зафати си имаат свои рекордери. Сара Бурџ легнала под нож повеќе од 100 пати во својот живот и гордо признава дека е зависна од корекциите на вредните пластични хирурзи.
Со повеќе од 100 естетски зафати, 49-годишната британка Сара Бурџ, мајка на три деца, е апсолутен рекордер по бројот колку пати си овозможила корекција на некој дел од своето тело. Оваа вистинска Барбика не е само зависник од операциите, него и експерт за убавина – козметичарка со сертификат.
Се започнало пред повеќе од 4 децении, кога мајката на тогаш 7 годишната Сара ја одвела на “средување” на клемпавите уши. И следело комплетно реконструирање на лицето откако како млада девојка која се пробивала како “Плејбој зајачица”, била претепана речиси до смрт.
Според проценките на Сара “Барби” Барџ, за подобриот изглед кој и го овозможила хирургијата досега вложила повеќе од 630.000 евра, а признава дека голем број на интервенции и следувале како “гратис” поради честите посетувања на ординациите.
Само нејзините гради чинат повеќе од 36.000 евра и тоа не поради имплантирање на силикон, туку смалување на обемот, подигнување и преместување на брадавиците. Во плеадата интервенции се вбројуваат и фејслифтингот, ласерската дермоабразија на лицето, имплантите во образите и брадата, липосукција на брадата и вратот, ласерското средување на забите, липосукција на колковите и бедрата со импланти во задникот, и многу други. Редовните дермо-козметички интервенции не можат нити да се набројат.
“Заразно е. Сфаќаш дека постојано размислуваш што наредно можеш да направиш. Не се работи за тоа дека сум незадоволна со својот изглед (ма, даааа заб.уред.), бидејќи секогаш сум била самоуверена. Едноставно сакам да го одржам моето тело и лице онакви какви се и правам се што можам за да го забавам процесот на стареење” – изјави Сара за Daily Mail.