Четврток, 06.11.2008
Комуникацијата преку веб камерите е се почеста, а во денешно време одговараат на широките потреби на корисниците. На пазарот постојат голем број модели камери од разни производители, чии цени се движат од 10 па до над стотина евра. Сепак, при одбирањето на камера не треба да се раководите само по цената, туку и да ја пронајдете онаа која претставува склад помеѓу цената и потребите на корисникот.

Голема улога играат карактеристиките на камерата, а еве на што треба да се обрне внимание:
Леќа
Квалитетот на леќата е една од најважните карактеристики на веб камерата од што во најголема мерка зависи квалитетот и острината на сликата. Стаклените леќи даваат подобра слика од пластичните (многу јасно). Некои производители имаат во понудата веб камери во кои се вградени најквалитетните леќи на познатите производители од областа на оптиката, како на пример "Carl Zeiss".
Резолуција
Бројот на хоризонтални и вертикални пиксели, односно точки. Повеќето веб камери имаат резолуција од 640 х 480 пиксели или VGA квалитет. Постојат камери и со помала резолуција, но во последно време некои производители имаат и веб камери со HD резолуција - 960 х 720 пиксели или повеќе.
Број на фрејмови (слики) во секунда
Поголем број фрејмови во секунда обезбедува и поквалитетна слика. Денес на пазарот претежно се наоѓаат камери со 30 fps.

Автоматски фокус
Некои модели на веб камери имаат систем за автоматски фокус кој служи за избистрување на предметот, дури и кога ќе се помести, без потреба од рачно изострување.
Микрофон
Скоро сите веб камери имаат вграден микрофон кој видео конференцијата ја прави многу поудобна.
Дополнителен софтвер
Голем број веб камери имаат и дополнителни софтвери кои го намалуваат позадинскиот шум, за исправување на нивото на светлина и слично.
Приказ на бои
Се мери во битови и што повеќе битови доделени на еден пиксел - приказот на боите ќе биде поголем. Ова резултира со интензивни и живописни бои (пример - приказ на бои од 24 бита означува 16,7 милиони бои).