Вторник, 11.11.2008
"Девојките се гледаат како објекти, а сексот често се користи како замена за нешто друго, како на пример - чоколадо. Значењето на љубовта во романтичните животи на денешните млади лица повеќе не игра никаква улога", изјави холандскиот министер за Млади и семејство Андре Роувоет за време на минатонеделното гостување во тв-документарната емисија Sex Sells, која се прикажува на една од водечките холандски телевизии. Според него, нема потреба од воведување на некои посебни законски мерки туку би сакал да покрене дебата за овие прашања кои ги засегаат младите холанѓани.
Во емисијата се прикажани момци и девојки на возраст меѓу 12 и 16 години кои искрено одговараат на различни прашања во врска со нивните сексуални животи и првите искуства - кај некои губењето на невиност се случило само на 9 годишна возраст (?! што, веднаш откако ја научиле азбуката?! заб. ред.), а во просек младите холанѓани за прв пат се впуштаат во светот на форникацијата со "цели" 13 години.
Некои тинејџерки изјавиле дека честопати преферираат сексуални односи како исполнување на слободното време наместо да јадат чоколадо, да пушат цигари, да одат на шопинг или да излезат во град - што и не е така лошо, анализирајќи од финансиски и здравствен аспект. Сепак, со нашиот став не се согласува министерот Роувоет, според кого "кај многу тинејџери идејата и сликата за сексот, за пријателството и меѓусебните односи потполно е искривена, што во никој случај не може да има здраво влијание на општеството". Океј, а легалното пушење марихуана сигурно влијае позитивно, нели? Холанѓани.