Вторник, 11.11.2008
Доколку може да се верува на новинските написи, наскоро долгометражните филмови од холивудската А-продукција ќе може да се гледаат на најпопуларниот сајт за размена на видео клипови Youtube.
Претставници на овој мега-популарен сајт, секојдневно посетуван од неколку милиони посетители од целиот свет кои гледаат кратки видео клипови, потврдија дека преговараат со најголемите холивудски студија и полека ги започнуваат подготовките за на своите корисници да им овозможат аплоудирање на долгометражни филмови.
Сеуште не е познато точно кои студија се вклучени во преговорите, но според извештаите на CNET News, новиот сервис би можел да се појави на сајтот на Youtube веќе за 90 денови.
Популарниот сајт, кој во 2006-та година беше купен од Google за 1.65 милијарди долари, со воведувањето на новата услуга очекува значително зголемување на профитот - реални очекувања, бидејќи бесплатните филмови ќе се вртат заедно со рекламни спотови...а милионите фанови на Youtube од ден на ден стануваат се побројни.