Среда, 12.11.2008
Компјутерскиот гигант Аsus последнава година вложи силен напор во развој на еколошки персонални компјутери. Резултатот на трудот на Asus се вика U6V Bamboo - првиот лаптоп со куќиште од бамбусово дрво.

Asus Bamboo претставува спој на природата и новите технологии на посебен, досега ретко виден начин. Идејата за развој на еколошки компјутери постои повеќе од 10 години и до денес се забележани неколку сериозно комерцијални обиди, кои во најголем дел може да се окарактеризираат како полу-успешни.
Токму поради сеуште реалната неможност да се направат микропроцесори од дрво, а развојот на т.н. био-чипови оди премногу бавно, големите компјутерски компании се обидуваат на најразлични начини да ја претстават својата визија за "зелен компјутер" - а наједноставниот начин да се дојде до него, е да се направи куќиште од природни материјали, што не е нималку лесно. Токму затоа, револуционерен е успешниот обид на Asus за создавањето на првиот лаптоп со куќиште од бамбусово дрво.

Што се во себе содржи "чудово"? Батерија од 2400 mAh (плус дополнителна од 7800 mAh), U6 платформа, Core2Duo P8600 процесор кој работи на такт од 2.4 GHz и располага со 3 MB L2 кеш меморија, графичка картица GeForce 9300M GS GPU, работна меморија од 3 GB, Seagate хард диск од 250 GB и 8 MB бафер меморија. Покрај речиси сите додатни уреди кои може да се најдат кај повеќето стандардни лаптопи, Asus Bamboo има екран со големина од 12.1 инчи, а во конечната продажна верзија од фирмата најавуваат и маус - направен од бамбус.

Доколку би сакале овој необичен спој на специфична убавина и сосема солидни перформанси да се најде на вашето работно биро, Asus ќе ви го овозможи за цена од околу 1.700 евра. Да, знаеме дека секогаш може да купите подобар компјутер за истите пари, но сосема сигурно нема да изгледа ни приближно необично и убаво како Asus Bamboo. Па, очекувајте го во (се надеваме) догледно време и кај македонските дистрибутери.
