Четврток, 13.11.2008
По падот на американскиот бомбардер Б-52 во 1968 година, под мразот на северен Гренланд останала неексплодирана атомска бомба.

Во тоа време, Пентагон верувал дека некогашниот СССР како вовед на можниот нуклеарен напад врз САД би ја уништил воздухопловната база Туле на најсеверните делови на Гренланд, па во 60-те години редовно организирал летови на своите бомбардери Б-52 (познати и како "летечки тврдини") наоружани со нуклеарни бомби над базите, заради евентуална одмазда.
Мисијата од 21-ви јануари 1968 тргнала наопаку, т.е. бомбардерот се срушил на мразот, неколку километри од базата Туле. Операцијата за отстранување на остатоците од авионот и насобраната огромна количина на мраз околу местото каде што се срушил траела околу еден месец.
Видео снимката на американската влада, од која неодамна беше тргната назнаката "строго доверливо", ги документира размерите на оваа операција.
Сепак, исказите на директните сведоци и доверливите документи до кои дошол британскиот BBC, покажуваат дека една од четирите боеви глави кои ги носел авионот, и покрај очајничката потрага, не била пронајдена.
Пентагон се до сега тврдеше дека сите четири парчиња оружје се "уништени".