Четврток, 13.11.2008
Помалку табу пристапот кон оваа тематика често може да предизвика негативни последици кај младите девојки кои водат неправилна хигиена на нивната интимна зона.

Доколку си под стрес, ако од било која причина дојде до паѓање на твојот имунитет или едноставно се облекуваш несоодветно (фармерки со низок струк или долна облека од неприродни материјали) природната одбрамбена рамнотежа помеѓу "добрите" и штетните бактерии во матката може да се поремети, по што штетните бактерии започнуваат забрзано да се множат и доаѓа до појава на пецкање, чешање или засилен исцедок.
Имено, целиот организам, па така и матката, има свој систем за самоодбрана чиј составен дел е и системот за самочистење, кој во случај на нормална активност штити од причинителите на болести. Затоа, за инфекциите да се сведат на минимум, не смее да се заборави правилниот пристап кон интимната хигиена.
Првото правило е миење еднаш до два пати во текот на денот со физиолошки неутрален сапун наменет баш за употреба во негата на интимните делови од телото. Најдобро е да се користат течни производи со пумпица бидејќи се смалува опасноста од пренесување на бактерии. Многу е важно сапунот да има pH вредност (мерка за степенот на киселост) слична со онаа на матката - од 3.8 до 4.5 бидејќи на тој начин нема да се иницира промена на бактериолошката флора.
Еве уште неколку корисни совети за интимната нега:
1. Најчесто употребувај обична вода, а ако користиш средства за миење, нека бидат строго наменети за интимна нега.
2. Задолжително миењето нека биде со движење од вагината кон анусот, а не обратно, бидејќи може да пренесеш непосакувани микроорганизми.
3. За време на менструалниот циклус треба да се миеш повеќе пати, но најчесто само со вода.
4. Наместо крпа, после миењето на интимните делови најдобро е да користиш тоалетна хартија. Доколку сепак користиш крпа, најдобро е крпата да е ленена или памучна (и да не е предебела) бидејќи брзо се суши, па не е плодно место за габи или бактерии. Не заборавај дека треба често да ја менуваш, односно да ја користиш само ти и никој друг.
5. Избегнувај користење на долен веш од синтетика бидејќи кожата треба да диши.
6. Не претерувај со количината на детергент или омекнувач при перење на долниот веш.
7. Доколку си сексуално активна, не заборавај дека и твојот партнер мора да внимава на својата интимна хигиена.
Екстра совет: Поради реалноста која кажува дека машките често ги персонифицираат своите фалуси, биди внимателна на начинот кој ќе го употребиш кога ќе му предложиш да го прочита советот бр.7.