Петок, 14.11.2008
Министерот за одбрана на САД Роберт Гејтс најави дека Америка ќе го спонзорира новосоздадениот институт за информатичка одбрана во Естонија. Центарот е посветен на проучување на сите аспекти на интернет војувањето.

Центарот за сајбер одбрана е формиран оваа година како одговор за масовните напади врз естонските интернет страници од 2007-та година, напад кој ги парализираше банковните трансакции извршени преку интернет мрежата.
Одлуката на САД да ја поддржи Естонија е прифатена како голема помош за балтичката држава со 1.3 милиони жители која се плаши од моќта на повторно силната Русија, од каде се верува дека дојде тринеделниот интензивен напад врз естонската интернет мрежа.
Според претпоставките, како повод за нападот се наведува одлуката на властите во Талин да го отстранат бронзениот споменик на Советски војник од војниот меморијален центар во естонскиот главен град и да го преместат на воените гробишта, поради тоа што населението во малата балтичка земја го потсетувало на времињата под надворешна окупација.
Гејтс во средата ја пофали Естонија за споделувањето на своите искуства за сајбер-нападите со сојузниците од НАТО и помошта која ја пружила кон општата сигурност на сојузот. Естонија се приклучи на северно-атланската алијанса во 2004-та година.