Македонија е вратена на инвеститорската мапа и веќе претставува сериозен играч во Европа за привлекување инвестиции, истакна премиерот Никола Груевски по Бизнис форумот што вчера се одржа во Чикаго, насловен "Македонија - новото чудо на Европа", во рамките на "роуд шоуто" на македонската владина делегација што неделава го одржа во Соединетите Американски Држави.
- Задоволен сум од реализираното во Америка, каде што владиниот тим беше максимално ангажиран за што повеќе инвеститори да бидат убедени за предностите што ги дава Македонија за правење бизнис, рече Груевски, притоа додавајќи дека американските бизнисмени се импресионирани од македонските политики во даночната сфера, напредокот постигнат во регулаторната сфера, како и во намалувањето на придонесите, подобрувањата во работата на Катастарот...
За тоа, додаде Груевски, сведочи и севкупната оценка на Светската банка, односно дека прогресот не бил само во даноците или во ниските трошоци, туку бил севкупен.
- Тоа очигледно инвеститорите го препознаваат и го респектираат и голем број од нив кои имаат планови своето производство да го прошират во Европа, или да го зголемат ако веќе го имаат во Европа, многу сериозно размислуваат за Република Македонија, истакна Груевски.
Тој, смета дека и во иднина треба да продолжат ваквите кампањи, економските промотори назначени во повеќе од 20 земји да бидат максимално агресивни во однос на презентацијата и на потсетувањето на инвеститорите за бизнис можностите во Македонија, да се продолжи со реформите и добрите политики кои, како што рече, создаваат добра клима и можност за инвеститорите да се насочат кон Македонија.
- Независно што сега е тешко време за инвестирање, во една глобална светска финансиска и економска криза, сепак, постои интерес кај инвеститорите за Македонија оти тие гледаат малку подолгорочно, нагласи македонскиот премиер.
Тој повтори дека сите мерки што ги прави Владата со цел привлекување инвестиции се за сите инвеститори, а не само за странските, на кои сега им се дава поголемо внимание бидејќи во минатото, како што рече, отсуствуваа значајно.
- Постои голем простор за прогрес и ова е само еден почеток кој верувам дека во наредните три-четири или пет години ќе ја доведе земјата во една подобра состојба во однос на инвестиците, како домашни, така и странски, нагласи Груевски.
Правејќи паралела во однос на странските инвестиции тој посочи дека по две години работа на оваа Влада, од дното на табелата за странски директни инвестиции гледано по глава на жител, сега сме на средината на таа табела, притоа изразувајќи надеж дека во наредните години ќе бидеме многу погоре.
- Тоа е нашиот план, со крајна цел да се отворат нови работни места. Значи, борбата за инвестиции треба да се сфати како борба за отворање нови работни места, истакна премиерот Груевски.
Во рамките на Бизнис форумот во Чикаго беше потпишан Меморандум за соработка со Универзитетот во Бостон, за отворање постдипломски студии по информатичка технологија во Македонија.
Груевски најави дека таков договор во наредните два месеца македонската Влада ќе потпише и со Универзитетот "Френклин Рузвелт" од Охајо, според кој тие ќе отворат постдипломски студии во Македонија и за информатичка технологија и за бизнис. Тоа, смета македонскиот премиер, ќе влијае на квалитетот на македонското образование.
Македонската владина делегација, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања Зоран Ставрески, министрите за економија, за странски инвестиции и за информатичко општество, Фатмир Бесими, Веле Самак и Иво Ивановски, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо, за време на еднонеделната посета на САД, во Сан Франциско го одржа бизнис форумот насловен "Македонија - земја на ИТ експерти", додека во Силиконската Долина, центарот на американската и на светската ИТ-технологија, имаше средби со раководствата на американските гиганти Интел, Хјулит Пакар, Оракл и Сан Мајкросистемс.