Понеделник, 17.11.2008
Даница Ангеловска
Иако седиштето на владата е во Хаг, Амстердам е формално главниот град на Холандија, кој е исто така и најголем, со популација од над 750.000 жители и со повеќе од 3,5 милиони странски посетители годишно.
Градот oснован во 13-от век како рибарско село, денес е град на толеранцијата и разновидноста. Ги има сите предности на голем и современ град: култура, ноќен живот, интернационални ресторани и добар но тивок превоз, благодарејќи на неговите канали што овозможуваат помал патен сообраќај.

На кафетериите во Амстердам им е дозволено да продаваат мало количество на канабис, кој е строго регулиран и оданочен. Покрај тоа, не смеат да продаваат на лица помали од 18 години и не смеат да продаваат повеќе од 5 грама на еден муштерија. Тешките дроги се строго забранети.
Покрај тоа, музеите се главната туристичка атракција во Амстердам. Секој го знае музејот на Ван Гог - Ријкс, како и Стеделијк, кои се најпознати помеѓу останатите 50-тина.
Амстердам, најдобро планираниот град во северна Европа, секогаш е добро познато име во светската историја и има одиграно главна улога во историјата на Холандија. Во 17-от век бил центар на светската економија, а денес овој град е надалеку познат по неговиот толерантен карактер.
Низ годините се искачил на врвот помеѓу најистакнатите градови во Европа по нивната архитектура и дизајн и не само поради неговите прстени од канали од 17-от век, туку и поради тоа што тука модерната архитектура се развила органски помеѓу фасадите на историските градби.
Стариот центар е формиран од прстени од канали со уникатни, повеќето од 17-от век, резиденции на моќни трговци, финансиери, доктори, судии, политичари и уметници. Поради недостигот на простор, овие куќи се тесни, со не повеќе од 9 метри широчина. Карактеристични се по нивните големи и тесни прозори, украсни врвови, многу тесни внатрешни скали и вители од надвор за префрлање на поголемите предмети до горните катови. Многу често резиденциите служат и за работа.
Амстердам има широк спектар на рекреативни и културни знаменитости, поредени од фасцинантни стари градби, до најнеобични, како што е музејот на хашишот и марихуаната.

Овој град има многу специфични и значајни места за посета, меѓу кои се и:
- Оуде Керк, старата црква со мали куќарки прилепени на нејзините ѕидови, која претставува мирен рај во срцето на возбудливата област “Црвената светлина”.

- Квартот на црвените светла, кој нуди забавна атмосфера и безграничен број на луѓе кои гледаат што се покажува тука. Продавниците се полни со еротски видеа, списанија и секси играчки. Светла кои продираат низ прозорите, ја претопуваат целата околина во една голема црвена сенка. "Квартот на црвените светла" е нешто како сексуално забавен парк, кој најчесто не е сфатен сериозно од масата туристи кои го посетуваат. Иако генерално се смета дека тоа е доста безбедна област, сепак треба со внимание да се поминуваат нејзините улици. Таму владее строга политика - “без фотографирање”.

- Плоштадот Дам, строгиот центар и срцето на Амстердам, кој како историско место е прекрасен и вреден за да се одвои време да се испочитува. Дам видел многу историски драми кои се развивале низ годините и бил место за дочек на Наполеон и неговата војска во 1808-та година. Импресивната историја на овој плоштад добро е документирана во Историскиот музеј.
Кралската палата која доминира на плоштадот, првобитно била употребувана како зграда на градското собрание, а нејзината класична фасада и првокласните скулптури имале намера да го прослават градот и неговата влада. Во контраст со неговата турбулентна историја, плоштадот денес е мирно место и е дом на илјадници гулаби и туристи, кои токму тука застануваат да одморат.

- Тесни засводени премини водат до шармантната градина Бегијнхоф, опколена со стари куќи. Куќите во дворот некогаш биле окупирани од побожните Бегуин калуѓерки и денес сеуште се дом на немажените жени. Во центарот на тревникот се наоѓа една средновековна црква и најстарата куќа во Амстердам. На влезот на оваа градина има изгравиран знак “Влезот е бесплатен, но мора да сте тивки!”.

- Во Амстердам патувањето не би било комплетно без крстарење низ неговите многубројни канали. Една таква тура може да биде и воодушевувачка и релаксирачка преку ден, а романтична навечер кога многу од куќите и мостовите се осветлени. Четирите главни канали се Принсенграчт, Херенграчт, Кеизерсгарчт и Сингел. Исто така има бројни помали канали во соседството на Јордан, меѓу кои Бруверсграчт, Блумграчт и Лелиграчт се посебно пријатни.
- Амстердам е специфичен и по 1280-те мостови, од кои најпознат е “Слабиот мост”. Тој е традиционален мост кого Холанѓаните го изградиле за да ги поврзат бакните преку реката Амстел. Скоро секои 20 минути мостот се отвора за да ги пушти бродовите да поминат. Оригиналниот мост бил изграден во 1670-та година, но бидејќи сообраќајот над Амстел постојано се зголемувал, поширок мост бил изграден за да го замени тесниот.

- Рембрантплеин има цела линија од пабови, ресторани, кафулиња и хотели, со што е магнет за туристи. Тој е популарен центар на ноќниот живот, кој ги вклучува и Холандските пабови кои се исполнети со исклучиво Холандска музика. На лето терасите се преполни со луѓе кои уживаат во пијалокот и го набљудуваат светот како поминува покрај нив. Во центарот на овој плоштад има мал, но пријатен парк, каде можете да се релаксирате или да оддадете почит на статуата на Рембрант. Во околината можете да најдете квалитетни ноќни клубови, весели собиралишта, пристојни трговци на дијаманти и неизбежни продавници за сувенири.

- Леидсплеин е најпопуларниот центар на ноќниот живот во Амстердам. Со многу ресторани, клубови, кафулиња, кина и театри во околината, Леидсплеин е најживиот и најразнобоен плоштад. Полн со улични музичари, жонглери и други изведувачи кои ги оживуваат улиците, нуди забава до раните утрински часови.
- Во центарот на Амстердам се наоѓа најстарата зоолошка градина во Холандија. Се состои од четири главни сфери: зоолошка градина, планетариум, ботаничка градина и геолошки и зоолошки музеј. Во самата зоолошка градина може да се најдат животни од целиот свет. Планетариумот им дава можност на децата да патуваат низ вселената. Во мирните градини може да се најдат многу стари дрва и статуи од современи уметници, а геолошкиот музеј покажува како планетата еволуирала во изминативе 4 билиони години.
- Вонделпарк кој се наоѓа на југ од Амстердам е најпознатиот парк во Холандија, кој годишно прима над 10 милиони посетители.
- Патувањето во Амстерам нема да биде целосно и без посетата на ветерниците. Верувале или не, во срцето на градот има 8 импресивни ветерници, кои само чекаат луѓе кои ќе ги посетат и ќе им се восхитуваат.

Секое време во годината е добро за посета на Амстердам. Најтоплите денови се од јуни до август, а појаки ветрови има од октомви до март. Воздухот е релативно влажен, а маглата е присутна секоја есен и пролет.