Филип Петрески
Шевченко би можел да се пресели на Сантијаго Бернабе во зимскиот преоден рок, со оглед на фактот што Реал Мадрид се соочува со криза во напаѓачката линија и бара искусен и расен голгетер.

Кралскиот клуб грчевито се бори со повредите и се соочува со резултатска стагнација, а последен показател е поразот од Ваљадолид на гости од 1-0 во саботата. По повредата на Руд Ван Нистелрој, во нападот остана ветеранот Раул кој е надвор од форма и го нема препознатливиот финиш во нападите, и Игуаин, кој сепак не е долгорочно решение за таа позиција во клубот.
Челниците на Реал Мадрид се решија да го одврзат ќесето во јануарскиот преоден рок и да испратат понуда за неколку големи имиња од напаѓачката бранша и да се вратат на победничките патеки. На поширокиот список на мадриѓаните се уште и Андреј Аршавин, Ернан Креспо, Карлос Тевез, Диего Милито и Клас-Јан Хунтелар, а најново име додадено на листата е црномурестиот напаѓач на Челзи Дидие Дрогба.
Украинскиот напаѓач Шевченко веројатно ќе побара да биде ставен на трансфер листата на Милан, откако менаџерот Карло Анчелоти му стави до знаење дека не е во неговите планови за првата напаѓачка линија до крајот на сезоната.
Уште еден мотив за купувањето на Шевченко е тоа што тој би бил во можност да настапи за Реал и во Лигата на Шампионите, за разлика од доста напаѓачи кои се наоѓаат на листата, но веќе се пријавени во ЛШ за други клубови.