Иран и Турција потпишаа нов договор, кој го зацврстува нивното енергетско партнерство, јави АФП.
Договорот предвидува турски инвестиции во разработувањето на новите три фази на наоѓалиштетио на гас Јужен Парс, како и трансферот на 35 милијарди кубни метри ирански гас кон Европа преку Турција.
Документот предвидува и партнерство во изградбата на гасовод долг 1.850 километри меѓу иранското пристаниште Асалуе на Персискиот залив, каде што се наоѓа Јужен Парс и иранско-турската граница.
Текстот беше потпишан синоќа во Техеран од иранскиот и турскиот министер за нафта, Голам Хосеин Нозари и Хилми Ѓулер.
- Одлучено беше 50 проценти од гасот на тие три фази на Јужен Парс да бидат продадени на Турција, изјави Нозари на прес-конференција со турскиот колега.
Секоја фаза на Јужен Парс ќе произведува 25 милиони кубни метри дневно.
Турција веќе внесува околу 10 милијарди кубни дневно преку гасоводот Тебриз-Анкара, а Иран внесува 25 милиони кубни метри гас дневно од Туркменистан.