Среда, 19.11.2008 | Филип Петрески
Првичните извештаи околу повредата на Тио Волкот предвидуваат дека крилниот напаѓач на Арсенал и англиската репрезентација би можел да биде надвор од фудбалските терени до три месеци.
Англиската млада надеж на традиционалниот островски фудбал Тио Волкот се здоби со бизарна повреда кога се лизнал и паднал за време на тренинг за претстојниот пријателски натпревар на Англија и Германија. При падот го дислоцирал рамото и прогнозите не се во полза на брзиот Тио.
Како и да е, најпогоден од оваа повреда ќе биде Арсенал, со оглед на тоа што крилниот напаѓач со офанзивни предиспозиции би можел да се врати дури кон средината на февруари. Десното рамо по дислокацијата му било вратено на место во германска болница, и му било кажано дека треба да мирува до понатамошни тестови за повредата.
Деветнаесет годишниот Тио најчесто има проблеми со рамењата, што е необично за фудбалер. Ова е втора повреда на десното рамо на Волкот, а пред тоа беше подлежан на операција на левото рамо.
Волкот ќе го препушти местото во тимот на Скот Паркер, играч на лондонскиот Вест Хем и џокер на Капело за вакви ситуации. Од ФА коментираат дека „медицинскиот персонал на Арсенал бил известен детално за повредата на Тио Волкот веднаш по инцидентот“.