Белата куќа го обвини Иран дека одбива дискусии со САД и соработка со меѓународната заедница, продолжувајќи ги активностите за збогатување ураниум.
- Одбивањето на иранската Влада да ги исполни барањата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и ОН е разочарувачко и достојно за жалење, изјави портпаролот на Белата куќа Гордон Џондроу по објавувањето на извештајот на МААЕ за нуклеарната програма на Техеран.
- Вратата е отворена ако Иран ги прекине активностите за збогатување ураниум, но тие изгледа не сакаат да го пречекорат прагот, додаде тој.
На новинарско прашање што подразбира под „вратата е отворена“ Џондроу одговорил дека станува збор за дискусии меѓу државниот секретар Кондолиза Рајс и нејзиниот ирански колега, како и за други предлози кон Техеран, со цел да биде уверена да го прекине збогатувањето на ураниум.
Во доверлив извештај, претсгавен пред членовите на управниот совет на МААЕ се истакнува дека агенцијата не била во состојба да утврди дали Иран извршил истражувачка дејност за разработување на нуклеарно оружје.
Во извештајот, објавен вчера, МААЕ исто така истакнува дека властите продолжуваат да ја прошируваат програмата за збогатување ураниум и покрај наложените санкции од Советот за безбедност на ОН.