Собранието на Република Македонија во рамките на 23. седница со 20 гласа „за“, 10 „против“ и 39 „воздржани“ не го усвои Предлог законoт за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства.
Овластениот претставник на предлагачите Стојанче Ангелов, претседател на Здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“, во образложението на Предло-законот изрази надеж дека парламентарното мнозинство ќе даде целосна поддршка и со тоа ќе придонесат за засилување на националното македонско единство.
Пратеничките групи на СДСМ, на ЛДП и на НСДП се изјаснија дека ќе го поддржат Предлог-законот и обвинија дека пратениците од ВМРО - ДПМНЕ немаат политичка волја ниту за дебата, ниту за негово донесување. Од ДУИ најавија дека нема да го поддржат Предлог - законот.
Крсто Мукоски од ВМРО - ДПМНЕ подвлече дека одредена категорија на директни учесници во конфликтот треба да бидат згрижени, но во рамките на можностите на државата. Тој смета дека нивните права треба да се допрецизираат, но и треба, како што рече, на некој начин да добиваат поголеми можности и права во општеството. Сепак, укажа Мукоски, Предлог-законот како што е даден има недостатоци кои треба да се разрешат. Тој изрази разорчарување од дискусиите од пратениците од опозицијата, кои, според него, сакаат од оваа чувствителна тема да заработат политички поени.
Пратеникот Владо Бучковски повторувајќи ја поддршката за Предлог-законот апелираше до парламентарното мнозинство, особено кон пратениците од ДУИ, да го поддржат Предлог-законот. За Андреј Петров од СДСМ ако не се даде поддршка за Предлог-законот ќе се покаже неценењето на иницијатива потпишана од околу 31 илјади луѓе, што пак покажува дека стојат зад припадниците на безбедносните сили на Република Македонија. При тоа, потсети Петров, загинаа 67 припадници на безбедносните сили. Според проценките на СДСМ, се работи за околу шест илјади луѓе кои би требало да бидат опфатени со законот, а за исполнување на нивните барања би биле потребни околу седум милиони евра. Пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов ги повика пратениците од албанските партии да го поддржат Предлог-законот за да имаат морално право да бараат решение за припадниците на „ОНА“.
За Роза Топузева Каревска од ЛДП и за Горан Мисовски од НСДП најмалку е важна финансиската конструкција и парите, многу е поважна политичката волја. Пратеникот Тито Петковски, кој е и основач на Фондот за децата на бранителите загинати во 2001 година потенцира дека Република Македонија мора да смогне сили да го реши проблемот комплетно.
- Кога реков дека мора да најдеме решение и за семејствата на припадниците на ОНА,за бев прогласен за албанофил. Предлагам Владата да не го игнорира проблемот, ако сака да се интегрираат Албанците во македонското општество, мора да донесе закон со кој целосно ќе се затвори овој проблем, смета Петковски.
Цветко Грозданов, пратеник од ВМРО - ДПМНЕ во реплика до сите претходни дискутанти од опозицијата информира дека бил доброволец во конфликтот и е член на здружението „Достоинство“.
- Затоа имам право денеска да зборувам пред вас, а не зборувам маркетингшки како вас. Не се заборава кој ги распуишти Лавовите, Тигрите, кој ги десеткува Волците. Македонскиот народ не е со кратко помнење, рече Цветков. Тој ги повика пратениците од опозицијата да престанат со политички маркетинг.
Рафиз Алити од ДУИ нагласи дека овие проблеми бараат посериозен пристап и поддршка од сите пратеници во Собранието. Според Алити, несреќата е што ниту Волците, Лавовите и Орлите и сите оние кои директно биле вклучени во конфликтот во 2001 година не го потпишале, како што рече, документот за помирување. - Политиката ја воделе лисиците, а тие останале во нивна милост, рече Алити.
Пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети констатира дека денешната собраниска седница се претворила во залог на меѓупартиски натпревар, со цел да придобие јавна поддршка.
- Наместо да говориме за решение и санација на последиците од конфликтот во 2001 година, злоупотребуваме имиња и судбини на лица и семејства кои на разни начини биле оштетени во конфликтот. Не се предлага закон за решение, туку закон за привилегии. Треба да се концентиорираме во изноѓање излез од ова состојба, рече Мехмети, повикувајќи го претседателот на „Достоинство“ да го прочита членот 9 за да забележи зошто Предлог - закон е спорен.
Ангелов во реплика до Мехмети, нагласи дека секаде каде што има Албанци слободно се движи.
- За овие седум години не добив ниту една закана од страна на Албанците. Ние само го препишавме членот 9 од постоечкиот во Законот донесен во 2002 година, појасни Ангелов. Инаку, членот 9 од постоечкиот Закон гласи: Во членот 7 по зборовите “припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства” се додаваат зборовите “учесниците во вооружениот конфликт 2001 година и членовите на нивните семејства”.
Претседателот на „Достоинство“ Ангелов побара од пратениците да се изјаснат кои нивни барања, како што рече, ќе го банкротираат буџетот, за да ги повлечат. Тој беше дециден дека Здружението нема да дозволи ниту една политичка партија да профитира од Предлог-законот.
- Колку ќе ја чини државата доколку одликува некој од бранителите. Никој припадник не е одликуван со никаков медал. Зарем ниту еден припадник во 2001 година не направи ниту едно јуначко дело за да заслужи одликување. Настана прогон и деградација на бранителите со доаѓањето на власт на СДСМ, но и продолжи со доаѓањето на ВМРО - ДПМНЕ, рече Ангелов. Тој прецизира дека „Достоинство“ бара канцеларија во МВР или АРМ, возило и секретар кој ќе одоговори на стотиците секојдневни повици.
Основните права што се бараат за припадниците на безбедносните сили, поделени во три категории, се бесплатно здравство, признавање на стажот во двојно траење поминат во одбрана на суверенитетот на РМ, можност за пет години предвремено пензионирање, ослободување на работодавците од плаќање на давачките кон државата при ангажирање на невработените припадници на безбедносните сили. Со Предлог-законот се предвидува да не бидат опфатени сите помагачи и соработници на вооружениете екстремистичките паравоени екстремистички групации и нивните семејства и, како што рече Ангелов „дезертери“.
Претседателот на Собранието Трајко Вељановски по редовната пауза, најави дека ќе се одржи 32 - тата седница на чиј дневен ред се Предлогот на закон за изменување на Законот за Фондот за осигурување депозити, Предлогот на закон за дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување - скратена постапка и Предлогот на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година - скратена постапка.