Антикорупциска се обидува да го дискредитира мојот углед преку неосновани обвинувања, изјави поранешниот министер за одбрана Лазар Еленовски.

Четири дена се обидувам да ја најдам претседателката, но таа не одговара на моите барања, рече Еленовски. Тој додаде дека ги има ревизорските извештаи со кои ќе докажел дека работел домакински додека бил министер.
- Заедно ги изработувавме ревизорските извештаи со ревизорите, и јас како министер и сите вработени помагавме - вели Еленовски.
Комисијата минатата недела побара кривична одговорност од Еленовски и Јован Манасиевски дека проневериле повеќе стотици милиони денари додека биле министри во 2006-та година. Еленовски се чуди каде е споменато министри, бидејќи во соопштенијата на Антикорупциска стоело дека се работи за две службени лица од министерството за одбрана.
- Овие лица за време на нивната работа ја злоупотребиле својата положба и ги проневериле - изјави Мирјана Димовска, претседателка на ДКСК на 14-ти овој месец.
Денеска не бевме во можност да стапиме во контакт со претседателката на Комисијата. Еленовски најави дека ќе почека да разговара со Димовска, а доколку не добие објаснување најави и тужба за клевета.