Понеделник, 24.11.2008
И покрај негодувањата кои ги предизвика кога пред две недели за Барак Обама изјави дека е "млад, згоден и исончан", италијанскиот премиер повторно се пошегува, велејќи дека им завидува на новиот американски претседател и на Наоми Кембел на нивниот тен.
Берлускони изјави дека првобитната изјава не била ништо друго освен комплимент кон Барак Обама и додаде дека подеднакво и завидува за тенот и на познатата манекенка.
"Мојот комплимент кон Обама беше по малку од завидливост. Сите би сакале да бидеме исончани како Барак Обама и Наоми Кембел", изјави Берлускони.
При посетата на Москва пред две недели кога ја даде првичната изјава за Обама дека е "млад, згоден и исончан", Берлускони бранејќи се од критиките изјави дека неговиот коментар бил добронамерна шега и своите критичари ги нарече имбецили.
Италијанските опозициони партии остро го нападнаа премиерот поради шегата, која медиумите ја оценија како негов гаф.