
Пред 10 илјади години, Сахара, најголемата пустина во светот била прекриена со трева и ниски грмушки. Исто така, има податоци дека во одредени делови постоеле дури и дождливи шуми и мочуришта. Во тоа време била целосен контраст на тоа што е денес.
Поради некоја непозната причина летните температури драстично се зголемиле, а дождот скоро и да престанал да врне. Оваа промена уништила многу антички култури и предизвикала, за народите кои преживеале, да мигрираат на друго место.
Најголемата пустина на светот го пополнува скоро целиот северен дел на Африка. Со големина од околу 3.000 милји од исток кон запад и околу 1.200 милји од север кон југ, има тотална големина од околу 3.320.000 квадратни милји или 8.600.000 км2.
Сахара на запад се граничи со Атлантскиот океан, на север со Атласките планини и Медитеранското море, на исток со Црвеното море и Египет и на југ со Судан и долината на реката Нигер.
Западниот дел на Сахара (Либиската Сахара) претставува карпест дел со различни височини. Земјата е целосно без никаков дождлив период или вода на површината. Но и покрај тоа, поседува одреден број на подземни реки, кои што течат од големите Атласки планини. Периодично, овие води некако си го пронаоѓаат патот да испливаат на површината, па така во тие природни оази растенијата растат слободно. Земјиштето на овие делови од пустината е многу плодно и на него може да се произведуваат одлични жетви.

Централниот дел од Сахара се протега на околу 1.600 км. Иако е голем недостатокот на дождови и во овој дел, неколку врвови на централна Сахара понекогаш можат да се видат покриени со снег.
Долината на реката Нил и планините во пустината Нубиан, во источниот дел на Нил, географски претставуваат дел од Сахара. Наводнувањето од страна на Нил ја трансформира оваа пустина во плодна агрокултурна земја во поголемиот дел од Египет.

Климата на Сахара е во целост сува. Промената на температурата е екстремна и варира од ниски, кои предизвикуваат замрзнување, до плус 55 степени целзиусови во западните и централните делови. Освен во оазите, во пустината скоро и да нема никакви растенија, освен трнливи грмушки кои растат во западна Сахара. Креирани се вештачки оази со бушења на бунари со над 1000 метри длабочина. Основните растенија на оазите се палмите.
Од животинскиот свет, во многу делови на пустината можат да се сретнат камили, газели, антилопи, шакали, лисици, јазовци и хиени, како и жаби, крокодили, змии, камелеони и гуштери покрај карпите.

Племенскиот народ на Сахара се вика Туарег. Тие го зборуваат барбарскиот јазик Тамаршак и имаат своја азбука. Во далечните времиња, Туарегите ги контролирале сите каравани кои минувале низ Сахара. Го наплаќале преминот, па потоа им помагале на караваните и на случајните минувачи. Тоа подоцна им било спречено од Французите кои владееле со Алжир. Политичката дивизија на Сахарска Африка од 1960 година, им отежнала на Туарегите да ја продолжат својата долгогодишна традиција.
Кај Туарегите, социјалниот статус се одредува преку материјалниот имот. Кај нив и денес постојат некои од старите ритуали. Пример, мажите сеуште носат фустани со велови преку целата глава.
Голем број на Туареги гладувале во сушата во 1970 година, а останатите мигрирале по градовите. Денес над 300.000 Туареги живеат во Алжир, Тунис, Мали, Либија, Буркина Фасо и Нигерија.

Пустината Сахара денес се соочува со многу проблеми. Една од основните причини што таа има толку мал број население од само 4 милиони народ е поради ниската стапка на дождови и превисоките температури кои ја прават едно од најтоплите места на планетава.
Климата е многу непредвидлива. Во една недела може да заврне два пати, а после тоа може да не заврне цели пет години. Иако дождот скоро и да не постои, има неколку распрскани оази кои барем помагаат да се одржи жива цивилизацијата.
Даница Ангеловска | Кајгана
Понеделник, 12.05.2008