Леонардо Ди Каприо ќе се појави во филмот за Јан Флеминг, творецот на славниот Џемс Бонд, на кого сопствениот живот на плејбој и шпиун му бил инспирација за создавање на ликот на славниот агент.
Позната е страста на Леонардо Ди Каприо за улоги кои носат предизвик. Неговата продуцентска куќа Appian Ways ќе го продуцира филмот под работен назив "Флеминг", чие дејство се одвива околу животот на познатиот автор на агентот 007.
Главниот продуцент Ендрју Лазар е убеден дека филмот ќе биде фасцинантен. "Ќе биде сосема поинаков филм од серијалот за Бонд. Нема да ги емитираме филмовите за Џемс Бонд, а идејата дека сопствениот живот му послужил како инспирација за ликот на Бонд е фасцинантна сама по себе", изјави Лазар.
Според сценариото, дејството би требало да се занимава со годините кога Флеминг работел во морнарицата за време на Втората светска војна, како и периодот кога го создавал својот глобално познат лик.
Петок, 16.05.2008