Скопје, 17.05.2008 (Макфакс) - Извесен црн кујнски прибор од пластика со потекло од Кина, за кој е утврдено дека станува збор за небезбеден производ, повлечен е од пазарот во Македонија.
Ова денеска го соопшти Дирекцијата за храна при Министерството за здравство, додавајќи дека производот се продавал во продавниците на Рамстор во Скопје и Тетово.
„Од увезените 144 производи, во супермаркетот во Скопје биле продадени 29, додека во Тетово 15 производи. Останатите 100 производи се повлечени од промет од увозникот, откако Државните инспектори за храна ја забранија продажбата на останатите производи“ се вели во соопштението.
Известувањето дека овој производ со потекло од Кина, кој бил испорачан преку Холандија, е небезбеден пристигнало од Европската комисија, откако Институт за Јавно Здравство во Брисел по направените анализи утврдил присуство на примарни ароматични амини во концентрација поголема од дозволената.
Освен во Македонија, истиот производ бил испорачан во над 20 европски држави.