Островот кој некогаш се нарекувал “Бисер на Пацификот” навистина ја заслужува репутацијата "најубав остров на светот". Бора Бора е древен вулкан откриен во далечната 1722 година, опкружен со неколку помали островчиња и корални гребени. Највисокиот негов врв Моунт Отеману достигнува дури 727 метри.

Островот се наоѓа на Француска Полинезија, 160 милји северозападно од Тахити и брои 5.767 жители. Најголемиот град на Бора Бора е Ваитејп, а официјален јазик е Францускиот. Најзастапените религии на жителите се протестантската и католичката.
Интересен факт е тоа дека во локалниот, Тахитијански јазик, не постои буквата Б, па актуелното име на островот е Пора Пора, што во превод значи “првороденче”.
Два високи врва од црни карпи доминираат во центарот на островот и даваат импресивен контраст на синилото од водата, со што се зашеметува погледот. Лагуната на Бора Бора е нејзиното најголемо богатство. Нејзе, туристите можат да ја искусат на различни начини како што се сурфање, нуркање, пливање итн.

Летните месеци се топли и спарни, со голем број на сончеви денови. Свежи ветрови дуваат на островот преку целата година, но месеците јуни, јули, август и октомври се сметаат за идеални за посета. Всушност, никогаш и не е погрешно време за да се посети Бора Бора.
Бора Бора навистина е искуство кое вреди да се доживееи кое никогаш не би го заборавиле. Островот најмногу станал познат преку книгите и филмовите, па денес постојано е преплавен од туристи.

Во средината на Бора Бора се наоѓа спектакуларната лагуна Моту Топуа, дел од античкиот вулкан кој е преполн со палми, цвеќиња и плажи од бел песок.
Ѕвездите, милионерите и славните личности се редовни посетители изминативе децении, што е и реално, земајќи го во предвид фактот дека 6 дена, во една двокреветна вила во сезона, чини 6.296 евра.

Вторник, 20.05.2008
Даница Ангеловска | Кајгана