
Поради системот за ладење и фактот дека со компјутерите работат луѓе (а луѓето не се секогаш чисти), компјутерите привлекуваат нечистотии. Паметно би било еднаш месечно да се направи "генералка" на компјутерот. Еве и неколку совети како најефиксно да го направите тоа, без да предизвикате оштетување.
1. Исклучете го компјутерот и оддвојте ги сите периферни уреди како мониторот, тастатурата, глувчето, принтерот и слично.
2. Започнете со чистење на мониторот. Повеќето корисници денес имаат LCD монитори, кои не смеат да се чистат со средства за чистење на стакло или со било какви агресивни средства за чистење. Најдобро е да се купат марамчиња за таа намена или средство кое е наменето токму за чистење на LCD монитор. Во недостаток на ова добро ќе послужи и малку вода. Средството треба да се нанесе на чиста памучна крпа со која ќе се избрише екранот.
3. Тастатурата треба прво да се преврти обратно за да испаднат нечистотиите и прашината кои се заглавени помеѓу копчињата. За извлекување на упорната прашина одлична алатка е компримираниот воздух во спреј кантички. Копчињата е препорачливо да се избришат со влажна крпа или крпа натопена со средство за чистење пластика.
4. Кај модерните глувчиња, важно е да се исчисти покривката на оптичкиот сензор, бидејќи таму лесно се собира нечистотијата, што директно влијае на функционалноста на глувчето. Оние кои имаат "старовремски" глувчиња со топче, ќе мора да го извадат и топчето, да го исчистат и него, а и тркалцата околу кои ротира - добра алатка за ова се стапчињата со памук за чистење уши. Чепкалка за заби може да послужи како алат за чистење на просторот околу копчињата на глувчето.
5. Најчувствителниот дел е чистењето на внатрешноста на куќиштето. Отворете го куќиштето и крупната прашина обидете се да ја соберете со минијатурна правосмукалка, со најмала моќ на вшмукување, а потоа ситната прашина истерајте ја со компримиран воздух. Прилично важно е да ги прочистите вентилаторите со компримиран воздух, бидејќи тие не смеат да престанат да работат, а највеќе се изложени на прашина. Не користете никакви течни средства за чистење на внатрешноста на куќиштето и внимавајте на каблите.
Петок, 30.05.2008